Иако се сосема различни по својата структура, и заљубеноста и љубовта се комплексни, социјални чувства, кои се јавуваат како наш одговор на личноста што ни значи. Заљубеноста е ирационален феномен, илузија. Станува збор за односот на човекот кон неговата претстава за партнерот. Се работи за однос кон фантазијата за идеален партнер, која е сочинета од желби и од потреби.
Но како и секоја претстава, таа има свој крај. Времето поминато со партнерот носи ситуации низ кои го запознаваме и кои ја менуваат првичната идеализирана и нереална слика за него. Доколку новооткриените црти на партнеровата личност не се во согласност со нашите психолошки потреби, чувствата ни се менуваат и се оддалечуваме од него, поточно „се одљубуваме“.
Заљубеноста е феномен на незрелост и затоа е најчеста во периодот на адолесценцијата и на младоста. За разлика од неа, љубовта е феномен на зрелоста. Таа не е само емоција, туку подразбира мошне комплексен партнерски однос. Постои таму каде што е и способноста на личноста да го согледа и да го прифати партнерот во целост, со сите негови доблести и мани. Љубовта е одлука токму со таа личност – која со својот доминантен начин на размислување и однесување ја негува суштината на нашето битие и е во согласност со нашиот интимен систем на вредности – заедно да чекориме низ животот, да траеме и да останеме.
За љубов се способни лица што можат да развијат блискост. Затоа за љубовта е предуслов психолошка зрелост на лицето што сака. Значи, не може секој да го сака другиот. Исто така, за љубов е неопходно личноста да поседува мноштво позитивни морално-психолошки особини, затоа се вели дека е привилегија на посебни луѓе. Со созревањето, човекот ја губи способноста за вљубување и станува поподготвен да сака. Се разбира, и заљубеноста може да премине во љубов, но искуствата на терапевтите зборуваат дека таа, поради својата фантазматска природа и поради незрелата подлога, почесто завршува со оддалечување на партнерот по неговото осознавање.
извор: убавина и здравје