Помина една година од пандемијата на COVID-19, а многу компании практикуваат работа од дома, доколку има услови за тоа. Работата од дома можеби звучи привлечно, но кога од креветот сакате да направите канцеларија тоа и не е баш здраво на психички и физички план.
За многу луѓе работата од дома е еквивалент на работа од кревет. Наместо станување од креветот, облекување и заминување на работното место, доволно е да одиме во бањата, да се измиеме, да свариме кафе, да го земеме лаптоп компјутерот и да си се вратиме во креветот.
Според новите анкети, изненадувачки е голем бројот на млади луѓе кои во текот на пандемијата работата ја вршат од кревет, што самото по себе влече низа здравствени проблеми.
Дури и ако сега не забележите, несаканите ефекти од ваквиот вид работа можат да бидат трајни и да се јават подоцна во животот.
Експертите велат дека без разлика на тоа дали имате можност да избегнете работа од кревет или не, тоа секако не е добро за телото бидејќи е многу важно да ја менувате положбата.
Вратот, грбот и колковите се оптоварени кога се на помека површина. Поголема е веројатноста младите луѓе да станат жртви на ваквите навики бидејќи нема веднаш да ги почувствуваат последиците.
Во зависност од тоа каков стил на живеење сте воделе зависи и колкава ќе биде штетата кога ќе остарите. Тие болести можат да вклучат само главоболки, но можат да се прошират и на трајна вкочанетост во грбот, артритис, болки во коските и мускулите во вратот.
Кога работите година дена од кревет не го уништувате само телото, тоа негативно влијае и на продуктивноста и навиките на спиење.
„Ние обично препорачуваме креветот да го користите за три работи – спиење, секс и кога сте болни. И тоа е тоа“, вели Рејчел Салас, невролог и експерт за спиење од Универзитетот Џон Хопкинс во Мериленд. „Колку повеќе гледате телевизија, играте видеоигри, а помалку спиете, вашиот мозок учи дека е во ред да ја правите која било активност во кревет“, додава таа.
извор: Кајгана