Познат факт е дека минатите искуства во љубовта влијаат на секоја нова и сегашна ситуација. Без разлика дали сте поминале само една ноќ со некоја личност или две седмици, неколку месеци или пак години, на свесно или на несвесно ниво тоа остава трага. Дури не е ни важно дали е некој кој сосема не ви бил значаен, или пак е некој кој бил значаен. Тоа што е важно е дека таа личност оставила дел од себе кај вас, поточно во вашето срце. Можеби свесно не се ни сеќавате на него или на неа, но длабоката потсвест се сеќава.
После неколку врски во младите години, додека личноста се истражува себе и експериментира со партнерите, доаѓа до определена возраст кога веќе станува доста од се, и посакува врска која ќе донесе мир, љубов и стабилност во нејзиниот живот. Од развоен аспект тоа е очекуван процес и личноста кога е подготвена за тоа, наоѓа партнер со кој почнува да го остварува тој процес.
Меѓутоа во периодот на експрементирање личноста собира траги во себе од своите минати искуства. Ако некој имал пет или десет партнери, тоа се пет или десет траги. Преку тие искуства и оставените траги личноста создава една генерална слика за тоа какви се мажите или жените. Од таквите генерални слики, всушност потекнуваат многу стереотипи кои се погрешни. На пример ако една девојка ја покажала својата љубов и притоа била напуштена неколку пати од различни партнери, таа создава негативна слика за тоа дека ако му се покаже љубов на маж, тој нема да ја цени доволно. Истото искуство може да му се случи и на некое младо момче со повеќе девојки.
Битно е да се напомене дека изборот на партнери не е случаен. Дури ни во младите години. Не случајно девојката била оставена неколку пати, или пак момчето. Кога постојано се“ налетува“ на слични ситуации, тоа е така поради што личноста несвесно повторува некое однесување, кое би требало да се промени. Се додека не го освести и надмине тоа однесување, тркалото нема да престане да се врти во круг. Често пати се случува и во поодминати години да се повторува таквото однесување и да доведува во разни непријатности во врската, па дури и во бракот.
Затоа емоционалното расчистување со минатите навидувам минливи искуства е многу важно пред личноста да влезе во зрела врска. Зрелата врска на почетокот може да изгледа многу возбудлива и поразлична од сите претходни врски, но во нејзиното продлабочување кога тогаш на површина ќе излезат неразрешените конфликти од претходните врски. Доволно е партнерот/партнерката во неговото/нејзиното однесување да пројави некоја “ситница“ што несвесно ќе ве потсети на претходниот партнер или партнерка кои ве повредиле за да “избувнете“.
Настанува вистински проблем ако почнат хронично да се повторуваат таквите ситници и избувливи реакции. Капка по капка секоја чаша се полни, се додека не се прелее. Исто е и со малите конфликти. Ако почнат да се редат еден по еден, почнуваат да пречат и потоа се претвораат во големи конфликти. На тој начин избива егото на површина кое е неподносливо за љубовта.
Извор: Применета психологија