Љубов и Секс

Како најлесно да го натерате да ве запроси – или да ви раскине

Како најлесно да го натерате да ве запроси – или да ви раскине

Интернетот е магично место и пребарувајќи информации на најразлични платформи сигурно сте налетале на сѐ и сешто.

Советите за љубов се меѓу најчестите теми за привлекување кликови во борбата за опстанок на сајтовите и блоговите, па секој се решава да стане експерт за врски и секс гуру.

Наидовме на таков еден експертски текст на еден регионален портал и просто не можевме да се начудиме на неговата генијалност. Насоките „како конечно да го натерате да ве запроси“ беа сосема јасни, недвосмислени и што би се рекло – сигурни како местена утакмица.

„Со години сте заедно, делите стан и имате заедничко куче. Сите ваши пријателки се веќе омажени и роднините постојано ве прашуваат кога ќе видат прстен на вашата рака“, почнува експертот за врски и илјадници немажени девојки на Балканот гласно воздивнуваат.

Авторот на текстот заклучува дека вашиот партнер најверојатно е „мрзлив, пасивен или уплашен“, или можеби „комбинација од сѐ горенаведено“.

Ова се советите што се нудат на девојките кои просто веќе не знаат што да направат за да им светне сијаличката на нивните „пасивни, мрзливи, уплашени“ дечковци, па да клекнат на едно колено и конечно – да ги запросат:

„Често зборувајте за свадби и венчавки во секоја ситуација за да му стане јасно дека не можете да ја скриете возбудата“, вели првиот совет и продолжува дека треба да ја споделувате со него секоја нова информација за запросена колешка, комшика, трета братучеда и јавна личност.

Вториот совет е дека треба „да паѓате во несвест од возбуда“ пред секоја златарница, со јасно ставање до знаење дека сте виделе прстен што ви се допаѓа, а потоа и да побарате мислење од него, а по можност и да ве почека да видите како ви стои.

Ако „давањето ишарети“ не помага, големиот чекор што се предлага е следниот – направете „женски пакт“ со негова блиска личност (мајка, сестра, најдобра другарка) и заедно, со здружени сили вршете секојдневна, немилосрдна асимилација додека не (пот)клекне на притисокот.

Нема потреба да потсетуваме дека ова навистина е одличен, темелен, непробоен план. Ако планирате да ви раскине дечкото.

извор: кајгана