Се сомневате дека некој има романтични чувства кон вас, но сè уште не собрал храброст да ви признае? Постојат знаци кои можат да ви потскажат какви се неговите намери, т.е. дали ве смета само за пријателка или сака нешто повеќе.
НЕГОВОТО ОДНЕСУВАЊЕ
Во споредба со мажите, ние жените сме експерти кога треба да се препознаеме дали некој од нашето опкружување потајно посакува нешто повеќе од пријателски бакнеж на лицето.
Сигурно оддалеку успевате да „помирисате“ кога има некој што потајно флертува со вашата пријателка. Но, кога станува збор за тоа дали вие му се допаѓате некому, тогаш можно е да сте исправени пред мал предизвик.
Еве кои се знаците во неговото однесување што можат да ви ја олеснат истрагата:
- Кога е во ваше друштво, се смее како дете пред сладолед. Неговата насмевка никогаш не исчезнува кога сте во негова близина.
- Се обидува да ве направи љубоморни. И мажите и жените често ја користат оваа тактика. Ако кога сте во иста просторија започне да флертува со друга и од време на време погледнува кон вас, тогаш сигурно сака само да ја провери вашата реакција.
- Постојано си бара изговор за да контактира со вас. Ви се јавува за да ве праша како се викаше филмот што го препорачуваше ваша пријателка? Ви пишува на Facebook за да дознае кој бенд ќе свири во вашето омилено кафуле? Доколку забележите дека стапува во контакт со вас за да дознае нешта кои полесно може да ги дознае на друго место, тогаш сигурно има скриени намери кон вас.
- Знае за вас нешта што вие никогаш не сте му ги кажале. Во текот на разговорот му излетуваат работи како „и јас како тебе сакам само црвено вино“ или „и мене ме воодушеви филмот Inception“. А кога ќе се замислите, вие никогаш не сте зборувале за вино или пак за филмови. Тоа значи дека тој преку други луѓе се обидува да научи што повеќе за вас.
- Ги менува своите планови за да помине повеќе време со вас. Вчера ви кажуваше дека неговото друштво ќе се собира со кафеана, но денес, откако слушна дека вие ќе одите на коктел забава, веднаш си ги промени плановите и реши дека одненадеж повеќе му се пие коктел.
- Ви дава комплименти за мали промени во вашиот изглед. Си ставивте силиконски капки и косата ви изгледа посјајна. Вашите пријателки не го забележаа блесокот, но тој веднаш има комплимент за вас. Најверојатно тој нема да знае дека косата ви е посјајна, но ќе забележи дека има промена. Кога маж забележува такви мали промени, значи дека е сериозно заинтересиран (или е фризер).
- Станува заштитнички настроен кога зборувате за некој друг. Ако некој е затрескан во вас, последното нешто што го сака е да зборувате за некој друг, особено ако имате многу убави зборови и пофалби за другиот. Во таков случај, голема е веројатноста да започне да зборува повеќе за себе за да се истакне во вашите очи. Компетитивниот дух ќе го натера да зборува повеќе за своите способности и постигнувања. Другата варијанта е да премолчи, но да ги искаже своите фрустрации преку јазикот на телото, т.е. да се гледа настрана обидувајќи се да изгледа незаинтересирано или да стане и накратко да замине некаде.
- Неговите пријатели се однесуваат малку чудно. Не ги барајте знаците само во неговото однесување. Обрнете внимание и на тоа како се однесуваат неговите пријатели. Ако тие знаат дека нему му се допаѓате, тогаш најверојатно „елегантно“ ќе се шегуваат со него кога сте во негова близина или потајно ќе споменуваат по нешто за неговите симпатии кон вас, а дури може и да се обидат да дознаат дали вие имате некакви чувства кон нивниот пријател.
ГОВОРОТ НА НЕГОВОТО ТЕЛО
Луѓето можат да го контролираат своето однесување и да ги цензурираат работите што ги изговараат, но ретки се оние кои внимаваат на сигналите што ги испраќа телото. Телото може да ги издаде неговите романтичните чувства, но треба да ги препознаете знаците.
- Не може да ги тргне очите од вас. Иако гледате во вашата пријателка, можете да регистрирате дека тој зјапа во вас. А кога ќе се свртите кон него, инстинктивно тој веднаш го врти погледот прво надолу, а потоа погледнува настрана. Тоа најверојатно ќе се случи ако е срамежлив. Ако е посамоуверен, тогаш ќе се обиде да ви го задржи погледот и ќе ви се насмевне.
- Дури и да стои со други луѓе, тој никогаш не ви врти грб. Најчесто тој ќе се обиде да заземе положба во која ќе биде директно свртен кон вас. Но, ако нема можност да го направи тоа, ќе стои свртен 50-50, т.е. свртен и кон неговото друштво и кон вас.
- Зазема отворена позиција. Кога разговара со вас не ги прекрстува рацете и додека зборува често ги покажува дланките. Исто така, ако му се допаѓате, тој ќе се обидува што повеќе да се доближи до вас и ќе го наведнува телото во ваша насока.
- Ги имитира вашите движења. Некои луѓе, кога се наоѓаат во близина на личност што ги привлекува, започнуваат несвесно да ги имитираат нејзините движења. На пример, вие се потпирате назад на столчето – и тој се потпира, се потпирате со лактите на масата – и тој го прави истото, вие се наведнувате кон него – тој веднаш се наведнува кон вас.