Познато ни е одамна дека да се каже „Те сакам“ може да не значи ништо и да нема никаква тежина доколку тоа не го покажеме и докажеме. Сепак, тоа не е секогаш толку едноставно. Врската, особено долгата врска, може да биде многу исцрпувачка и по некое време таа е еднолична до таа мерка што љубовта станува само збор.
Прашањето кое се поставува е: Како тоа да го поправиме? Нема да кажеме дека е лесно, но слободно можеме да кажеме дека е можно, чекор по чекор. Прво и основно е – да се запрашате дали сте во здрава врска и дали овој однос е вреден за напор. Најважно е добро да го познавате вашиот партнер, па затоа обидете се да го запознаете. Анализирајте го, обрнете внимание на она што му се допаѓа, што не му се допаѓа, што го прави да се чувствува удобно, што прави да не се чувствува удобно, што го прави среќен.
Луѓето се менуваат, а со самото тоа се менуваат и нивните навики, чувства и мислења, имајте го тоа на ум. Ако нешто му се допаѓало на почетокот на врската, не мора да значи дека и понатаму е така. Нека саканиот/саканата почувствува дека се грижите за неговото/нејзиното мислење и за нејзините потреби.
Ситниците многу значат во животот, тоа е потврдено безброј пати. Исто така, тие можат да обезбедат секојдневна радост и освежување во емоционалната врска. Без разлика дали тоа е подарок или можеби појадок во кревет, одење на омиленото место, дури и убав и нежен збор и ненадеен бакнеж, ќе стори повеќе отколку што можете да си замислите. Има многу идеи, а најдобрата инспирација ќе биде вашиот/вашата сакан/сакана.
Една од причините поради кои многу врски пукаат е недостатокот на комуникација меѓу партнерите. Партнерите најчесто ни кажуваат што сакаат и што им треба, но колку всушност ние слушаме, е дискутабилно. Не секој е директен, така што треба да знаеме и да читаме меѓу редови. Исто така, бидете храбри и слободни да го искажувате своето несогласување и незадоволство со одредени работи или дејства, бидејќи верувајте, љубовта може да убие и постојаното климање со главата кое преминува во незаинтересираност. Затоа здравата комуникација може само да го зацврсти вашиот однос.
И на крај, магичното “Те сакам” се наоѓа во многу реченици и постапки, само треба убаво да се слушне.