Фотографка им се обрати на мајките кои не се фотографираат со децата затоа што си мислат дека се дебели, несредени или несовршени за да им порача дека изгледот воопшто не е толку важен колку што се важни моментите уловени на фотографиите.
Во отворено писмо, Алекс Роуз порача дека по 10 или 20 години, мајките сосема поинаку ќе гледаат на фотографиите со децата.
„По 10 години, нема да ги гледате овие фотографии посакувајќи да бевте 5 килограми послаби. Ќе гледате колку малечко беше бебето во вашите раце и ќе посакувате да скокнете назад во оној момент кога им бевте толку многу потребни“ – пишува таа.
Еве го целиот нејзин текст:
Секој ден сум во интеракција со прекрасни мајки кои имаат деца од сите возрасни групи. Премногу време си трошите за вашите фотосесии. Ја координирате совршено облеката, гледате вашите деца да се наспани, го молите сопругот да соработува. Ве гледам и сум благодарна за вашиот труд. Како фотографка, посакувам да ги сакате и цените вашите фотографии. Посакувам да ви траат засекогаш и да ги обожавате засекогаш.
Во последно време ми е тешко кога слушам колку сте строги кон себеси. Ова е само дел од она што го имам слушнато во изминатиот месец во различни верзии:
„Сакам да закажам фотосесија кај вас, но прво планирам да ослабам.“
„Те молам, фотошопирај ме колку што можеш.“
„Не можев да најдам ништо што ми стои убаво, па одлучив да не бидам на фотографиите.“
„Те молам скриј ме зад децата.“
„Ќе ми се допаднат сликите ако не сум на нив.“
„Прекрасни се сликите, само уште да не бев на нив.“
Ја гледам паниката на вашето лице кога ќе ве прашам дали сакате да бидете на сликите. Една мила мајка дури ми рече дека ја обожава мојата работа и дека ме препорачува на сите, но дека имала напад на анксиозност кога се фотографирала зашто го мразела своето тело.
Еве што сакам да ви кажам:
Мајки… ве молам бидете нежни кон себе.
Како уметник, ве изучувам во детали. И мислам дека сте убави. Апсолутно, неверојатно убави. Но, мислам дека тука станува збор за две различни верзии на убавина. Јас не зборувам за вашата совршена облека или за вашето совршено тело. Она што го гледам е начинот на кој ги сакате вашите деца. Начинот на кој се однесувате трпеливо со нив и начинот на кој тие ве гледаат и се смешкаат. Ова е многу поубаво од совршената фризура или шминка.
Понекогаш тие се прикачуваат за вас и не сакаат да слезат. Вие се фрустрирате. Јас секогаш ве уверувам дека тоа е ОК. Обожавам да гледам колку безбедно тие се чувствуваат во вашите раце, кога се пикаат во вас, се топам. (Дури и кога ви ја разбушавуваат косата.) Нивните лигавици на вашата кошула? Да, се разбира дека можам да го фотошопирам тоа. Но дали треба? Знаете, еден ден, ќе ви недостига тоа. Тие ве обожаваат.
Колку и да се трудите, вашите фотографии никогаш нема да бидат совршени. Животот не е совршен. И во тоа е убавината на фотографијата – да се улови хаосот на животот онаков каков што е. Без разлика дали се хаотични или не, тие моменти никогаш повеќе нема да се повторат.
Слушнете ме кога ви го кажувам ова. По 10 години нема да ги гледате овие фотографии посакувајќи да бевте 5 килограми послаби. Ќе гледате колку малечко беше бебето во вашите раце и ќе посакувате да скокнете назад во оној момент кога му бевте очајнички потребни. Можеби дури ќе си помислите колку одлично сте изгледале со помалку брчки, па ќе посакувате да можевте да го вратите и тоа назад.
За 20 години, кога вашето слатко бебенце ќе порасне, тоа ќе ги цени овие фотографии. Нема да му биде гајле за вашата облека или колку сте тежеле, туку ќе ви биде благодарно што има нешто што ќе го потсетува колку прекрасна мајка му бевте нему.
Еден ден кога вас ќе ве нема, вашите пра-пра-пра-пра правнуци ќе видат колку личат на вас и ќе бидат благодарни за сè што наследиле од вас. Тоа е вистинската убавина на фотографијата.
Не е тешко да бидете хиперкритични кон себе во светот на социјалните медиуми, лајкови и коментари.
Ве молам мајки.
Буквално создадовте човек во тоа ваше тело. Бидете нежни кон себе. Имајте милост. Фотографирајте се дури и кога не се чувствувате најдобро. Сакајте ги фотографиите дури и кога не изгледате најдобро. Многу сте поубави одошто си мислите.
Ви ветувам дека нема да зажалите.