Телепортирање низ времето постои само во филмовите, но доколку во нашата фантазија сами го направиме тоа во даден момент, тогаш и ова е возможно.
Една таква пријатна и несекојдневна прилика и привилегија имаше пејачот и композитор Димитар Андоновски. Во далечната 1994 година на детскиот фестивал „Си-До“, тој ги направи првите чекори на сцена и ги отпеа првите стихови за една Ема, а сега историјата се повтори.
На негово место сега беше наследникот Михаил кој дебитираше на „Си-До“ во родната Битола, а тато горд и пресреќен ова го доживеа како тој да се гледа повторно како дете.
„Денес Михаил дебитираше на фестивалот „Си – До“. Беше цел ден возбуден и среќен дека ќе пее. Кога го гледав на сцена како да се гледав самиот јас кога за првпат пеев на истиот фестивал во 1994 година. Крвта не е вода“ – напиша Димитар покрај фотографијата на која позираше со неговиот наследник.
Чувството неописливо убаво, ежење и топење од љубов што може родител да ја чувствува, особено пак кога детето оди по неговите стапки и покажува слични или исти афинитети.
Дали и Михаил ќе продолжи да ја сака музиката и пеењето, останува времето да покаже колку се силни гените од тато и дека тука ќе важи она „крушата под круша паѓа“.
Инаку, освен Михаил, Димитар со сопругата Христина го има и синот Гаврил, кој во јануари оваа година наполни една годинка.
фото:Инстаграм принтскрин/ Димитар Андоновски