Секој има сретнато пар што прави сè заедно. Да имате некој со кого можете да го поминувате целото ваше слободно време е една од предностите да бидете во врска, но дали неразделивоста е всушност лош знак? Ако сте во долга врска и сè уште сте возбудени кога минувате време со вашиот партнер, тогаш тоа не претставува никаков проблем. Но понекогаш дури и најсилните врски можат да страдаат ако вие и партнерот сте 24 часа заедно.
Без разлика колку сакате некого, имањето ваш живот одделен од оној на партнерот сепак е важно. Експертот за врски Сузан Винтер го споделила нејзиното мислење за тоа дали неразделивоста кај партнерите е знак дека врската се движи во погрешна насока. Според неа, најважно е да се сфати дека динамиката на секоја врска е различна. Ова значи дека она што функционира за некои парови, нема да функционира за дури.
„Секој пар има нивен стил на рамнотежа кога станува збор за поминувањето време заедно. Неразделивоста не секогаш е лоша работа, сè додека ниту еден од партнерите не се откажува од личните цели во процесот.“
На почетокот на врската сосема природно изгледа да поминувате што е можно повеќе време со партнерот. Во текот на оваа фаза сè ви изгледа позабавно кога вашиот партнер е со вас. Сепак, Сузан предупредува дека не треба да станете опседнати.
„Ова може да се случи кога едниот партнер го тера другиот да ги премине своите лични граници и да минува повеќе време со него отколку што му е удобно. Во новите врски ова се случува често. Возбудата од новата љубов ги тера и двајцата партнери да ја жртвуваат нивната рутина со цел да бидат заедно.“
Како што веќе сигурно знаете, почетната занесеност не трае вечно и обично се појавува период кога на еден или на двајцата партнери им е потребен простор. Одеднаш можеби ќе сфатите дека одамна не сте излегле со вашите пријатели или дека одамна не сте обрнале внимание на некое ваше хоби. Ако се случува ова, Сузан нагласува дека нема ништо лошо во тоа да побарате време за себе.
„Одвојувањето време за себе е навистина здрав избор што може да ја одржи свежината на врската. Сепак, овој избор понекогаш може да изгледа како оддалечување за другиот партнер.“
Ако се ставите на местото на партнерот, веројатно и вие ќе се запрашате дали желбата за простор значи дека партнерот не е возбуден за врската колку и вие.
„Желбата да имате време за себе може да се гледа како закана за врската и да предизвика несигурност и конфликт.“
Ако не сте сигурни дали минувате премногу време заедно, Сузан советува да станете свесни за промената на динамиката на врската што може да сигнализира дека и на двајцата ви е потребен простор. Според Сузан, најчестите знаци се раздразливост и постојани расправии за неважни работи кои настануваат поради напнатоста бидејќи постојано сте заедно.
Ако вие или вашиот партнер почувствувате дека сакате малку простор, немојте да се грижите. Ова не значи дека се случува нешто лошо. Наместо да го сфатите лично, ова е одлична можност да видите како изгледа да одвоите време за себе. Всушност, да си дадете можност да си недостасувате може да биде навистина забавно. На овој начин повеќе ќе ги цените моментите што ќе ги поминувате заедно.
На крај, нема ништо лошо во тоа да бидете неразделни со партнерот, сè додека и двајцата се чувствувате удобно со тоа. Ако едниот од вас се чувствува загушено, најдоброто што можете да го направите е да разговарате за тоа и да си го дадете потребниот простор.