Првите романтични состаноци честопати се причина за нервоза и трема, а некогаш и страв дали разговорот ќе се одвива како што треба и дали ќе има хемија меѓу двајцата.
Иако честопати првите состаноци наликуваат на интервјуа плус пијачки и храна, сепак има некои теми на кои не треба да се разговара уште на првата средба. Некогаш зборуваме само за себе од трема и од страв дека ќе има непријатна тишина, но овие први разговори се за да се запознаете подобро, па оставете го и вашиот иден партнер да каже нешто за себе.
Ова е краток водич со забранети теми на разговор на првиот состанок:
Зошто и како заврши твојата последна врска?
Поставувањето прашања за минатото не е препорачливо на првиот состанок, бидејќи тоа е време кога треба да се дружите вие двајца, а не да копате низ минатото. Другиот може да се почувствува нападнато или осудувано, па затоа е најдобро да почекате да видите дали меѓу вас има некаква конекција пред да почнете да го испрашувате за неговото романтично минато. Помислете како вие би реагирале кога другиот би ви го поставил тоа прашање.
Зошто уште си сингл?
Ако го поставите ова прашање, сигурно целта ви е да ставите до знаење дека е неверојатно што една таква прекрасна личност е сама, меѓутоа најчесто се добива сосема поинаков впечаток од другата страна. Може да си помисли дека сакате да укажете дека нешто не е во ред со него. Можеби подобар начин е да кажете: „Навистина си супер, не можам да поверувам дека некој не те грабнал досега.“
Не мора да значи дека е лошо што некој супер човек не е во врска, можеби тоа не му било приоритет досега.
Со колку луѓе имаш спиено?
Бројот на сексуални партнери е лична работа. Ова е непристојно прашање, особено на првиот состанок, бидејќи спаѓа во интимата на еден човек. Не прашувајте за бројот на луѓе со кои спиеле, сексуални преференци и фантазии, ако сакате навистина да формирате врска со човекот со кој сте излегле на состанок за прв пат.
Колку заработуваш?
На првиот состанок е сосема нормално да зборувате за вашите професии и интереси, но е непристојно да прашате некого колку заработува. Тоа е генерално непристојно прашање. Разбирливо е да ве интересира што работи, дали си ја сака работата, дали е амбициозен и слично, но со прашањето за пари само ќе изгледате како „спонзоруша“ иако тоа не била вашата намера.
Што очекуваш од нашиот однос?
Ако првиот состанок помине добро, логично е дека ќе сакате да се видите повторно. Токму затоа е премногу рано да прашате каде води сето тоа уште на првиот состанок. Покрај тоа што ќе го уништите убавиот впечаток, може и да делувате очајно, дури и ако не сте.
Дали планираш да имаш деца?
Ако формирањето семејство е нешто што вам ви е многу важно, тоа значи дека треба да барате партнер кој го сака истото во животот. Сигурно не сакате да го трошите времето на некој кој не е сигурен или чека да одлучи во моментот. Меѓутоа, ова сериозно и интимно прашање не е за на прв состанок. Ако се спомне општо темата во ред е да го кажете своето мислење, но не форсирајте.