Лето е и конечно сте на одмор со партнерот или пак сте сами, а се надевате дека сепак некој ќе „влета“ затоа што сте и повеќе од спремни за летна авантура.
Колку и да звучи примамливо, возбудливо и романтично сексот на плажа, морате да бидете внимателни. Да, ако треба да се биде внимателен тоа не е спонтано и опуштено, но подобро е да се спречи отколку да се лечи, па затоа еве неколку недостатоци при секс на плажа:
Не во јавност!
Мирисот на морето (езерото), звукот на брановите и полуголите тела можат да делуваат страствено и секси, но да бидете фатен на јавно место за време на сексуален чин брзо ќе ве врати во болната реалност, особено ако во непожелната публика се најде и некој полицаец. Не само што можат да ви го „изгорат“ новчаникот, туку можат и да ве приведат. А тоа дефинитивно не е во вашиот план за овој одмор. И затоа внимателно одберете некое скришно место, далеку од баровите на плажа, приватните куќи и патиштата.
Да изгорите, но не од страст
Иако најчесто сексот на плажа се одвива во текот на ноќта, некои се впуштаат во тој чин и во текот на денот, а тогаш постои можност да изгорите од сонцето. Не е баш препорачливо во налетот на страста вие да престанете за да се намачкате со крем за сончање. За да ја задржите спонтаноста најдобро е да најдете некое место под некоја сенка.
Леле, боли!
Ако можете да бирате меѓу песочна плажа и плажа со камења, одберете го она кое е по погодно да се тркалате. Во моментот тоа можеби и нема да ви биде важно затоа што треба да ја изгасите распламтената страст, но последиците ќе ги почувствувате покасно. И затоа ако при рака имате некој пешкир искористете го.
Бидете внимателни со песокот
На некои песочната плажа им е попривлечна за тркалање по неа, но зрнцата песок можат да предизвикаат проблеми. Дури и додека сте на пешкир (лежалка) песокот може да ви влезе под кожата на пенисот и може да предизвика болки за време и после сексот.
Исто така постои и можност песокот да ја иритира осетливата кожа околу вагината. Песокот може и да го скине кондомот, а знаете кои се можните последици доколку тоа се случи. После секс на песочна плажа мокрењето е најлесен начин да се решите од песокот (доколку го има) во уринарниот канал.
Секс во вода
Доколку сакате да имате секс во вода внимавајте затоа што може да дојде до внесување на разни бактерии во вагината. Ова доведува до опасност од инфекции. Ако кориистите кондом со спермициден гел, водата може да го измие.
Како што можете да видите сексот на плажа не е едноставен. Можеби е подобро да се напиете од коктелот Sex on the beach и со тоа да се задоволите. Одлуката е ваша.