По тешка расправија и можеби неколку пролеани солзи, вашата врска заврши, а вие сте исправени пред дилемата дали да останете пријатели со бившиот или целосно да го исфрлите од вашиот живот? Во потрага по одговорот, постојано барате од своите пријателки да ви понудат решение, но тие не знаат што да ви одговорат. Всушност, само вие знаете како е најдобро да ги продолжите односите со него.
Понекогаш е подобро да ги раскинете сите контакти со поранешниот партнер, но понекогаш вреди да го зачувате неговото пријателство. Аргументите „за“ и „против“ пријателството со бившиот можеби нема да ја разрешат вашата дилема, но сигурно многу ќе ви помогнат.
Ниту една љубовна разделба не е лесна, бидејќи со раскинувањето вие губите и љубовен партнер и пријател. Но, тоа не значи да продолжите да живеете во минатото. Еве неколку аргументи зошто пријателството со бившиот е лоша идеја:
Едниот секогаш ќе биде жртва. Крајот на врската не значи и крај на чувствата. Голема е веројатноста барем кај едниот тие и понатаму да постојат. А, кога еден од вас сè уште има романтични чувства, тој лесно може да биде повреден. Моментот кога некој ќе ја пронајде својата нова љубов и ќе реши да продолжи со својот живот, ќе биде пресуден за тоа пријателство.
Ќе постои лажна надеж дека врската може да се обнови. „Колку поблиску сум до него/неа, толку поголеми ми се шансите да си го/ја вратам“ – оваа мисла често поминува низ главата на едниот од двајцата партнери. Таа личност постојано ќе живее со лажна надеж дека еден ден врската повторно ќе се обнови. Ваквото „пријателство“ може да биде само едно големо разочарување. Како да препознаете дека бившиот сака да му се вратите?
Постои ризик да станете „пријатели со бенефиции“. Не се чудете ако некое утро се разбудите до вашиот „пријател“. Не се изненадувајте и ако тоа утро се повтори повеќепати. Многу често се случува бившите двојки, во обид да останат пријатели, да не успеат да му одолеат на искушението, па да станат „пријатели со бенефиции“. На крајот на краиштата, тешко е да останете пријател со некој со кого сте биле интимни.
Има опасност да станете „златна резерва“. Тој продолжи со својот живот, а вие сè уште имате чувства кон него? Внимавајте, постои опасност да станете негова „златна резерва“. Мажите сакаат да имаат алтернативи, па кога неговата „нова љубов“ не му е на располагање, тој ќе знае дека може да смета на вас. Тоа значи дека вие сте заглавиле со него, а не тој со вас. Колку побрзо ќе го сфатите тоа, толку побрзо ќе го раскинете таквото „пријателство“ и ќе продолжите со својот живот.
Нема да можете да разговарате како пријатели. Не очекувајте бившиот да ви стане пријател со кого ќе можете да разговарате отворено. За вас секогаш ќе постојат „табу“ теми. На пример, нема да можете да му кажувате детали за вашата нова љубов или за вашето ново сексуално искуство, без да предизвикате негативни чувства кај него. Па, ако не можете да разговарате како пријатели, тогаш не ни можете да бидете пријатели во вистинска смисла на зборот.
Нема да можете да се однесувате како пријатели. Ниту вие, ниту вашиот партнер нема да останете вечно сингл. А самиот факт што постои друга која го зазема вашето некогашно место во неговиот живот, може да ве претвори во љубоморна „пријателка“. Лошата вест е што и најмалата доза на љубомора може да има сериозни последици – или ќе го уништи вашето пријателство или неговата нова љубовна врска. И во двата случаја исходот нема да биде добар.
Можно е да си создадете проблеми со новиот партнер. Ако имате нов партнер, не очекувајте од него да остане рамнодушен на вашето пријателство со бившиот. Колку и да ве разбира, кај него секогаш ќе постои одредена доза љубомора. Можеби вие навистина сте изградиле пријателски односи со бившиот, но без да сакате тоа може да ви ја уништи новата врска. Затоа, добро размислете. Можеби е најдобро да ѝ се посветите на сегашната врска, наместо да губите време со минатата, која завршила, и тоа со причина.
АРГУМЕНТИ „ЗА“ ПРИЈАТЕЛСТВО СО БИВШИОТ
Крајот на љубовната врска не мора да значи и крај на пријателството со личноста која долго време била покрај вас и со која сте споделиле прекрасни мигови. Па, доколку сте уверени дека и двајцата сте ја преболеле вашата врска, не е лоша идеја да го зачувате бившиот покрај себе како ваш пријател. Еве неколку аргументи „за“ пријателството со бившиот:
Нема да изгубите личност која ви значи. Крајот на врската е поболен поради помислата дека важна личност го напушта вашиот живот засекогаш. Но, тоа не мора да биде така. Доколку успеете да изградите здраво пријателство, оваа личност може засекогаш да остане покрај вас и да ја добие етикетата „пријател“, а не „бивши“.
Тој не ги изгубил добрите карактеристики. За некому да му посветите дел од својот живот, тој треба да поседува добри карактеристики. Можеби сте се заљубиле во вашиот бивши поради неговата смисла за хумор, можеби ве освоил со тоа што е грижлив и внимателен, можеби сте „паднале“ на неговата искреност… Раскин увањето не ги менува неговите добри особини.
Тој е на листата на луѓе кои ве познаваат најдобро. Можеби дури ни вашите пријатели или семејството да не ве познаваат толку добро колку што ве знае тој. Голема е веројатноста тој да знае буквално како дишете, да ги знае сите ваши добри и лоши страни. Па, тој ќе ве разбира во моментите кога чувствувате дека сите околу вас не ве сфаќаат.
Од него ќе добивате совети од машка перспектива. Пријателите од посилниот пол се драгоцени, затоа што можат да ви дадат совет од машка гледна точка. Можат да ви кажат дали фустанот кој сте го избрале е премногу провокативен и дали добро ви стои без ниту малку да се влијаат од љубомора, можат добро да проценат кога некој ве „јаде“ со поглед и сл.
Нема да има потреба да си ги „делите“ пријателите. Се движевте во исто друштво или ги обожавате неговите пријатели? Раскинувањето со партнерот обично значи и раскинување со неговото семејство и поделба на пријателите. Но, ако меѓу вас двајцата успеете да изградите пријателски односи, вие нема да ги поставите пријателите во непријатна ситуација да треба да избираат меѓу вас. И што е уште поважно – ќе можете да ги задржите неговите пријатели.
Сепак, ако сте станале пријатели со бившиот, не си мислете дека тоа ќе трае вечно и дека не може да се промени. Постојано набљудувајте ги сигналите кои ви ги испраќа и доколку забележите дека тој сака да му бидете нешто повеќе од пријателка, а вие не го сакате тоа, за жал, на вашето пријателство му доаѓа крај.
извор:курир.мк