Постојат многубројни психолошки причини за тоа зошто некој сака да изневерува, но според психијатарката д-р Сузан Еделман, најдоброто објаснување е она што го користеше поранешниот претседател на САД – Бил Клинтон, кога ја објаснуваше својата љубовна авантура со Моника Левински. Тој тогаш рече, го направил тоа – затоа што можел.
Во интервју за „Елит дејли“ (Elite Daily), д-р Еделман објаснува дека луѓето кои редовно изневеруваат, без разлика колку го сакаат партнерот/-ката, најверојатно „имаат проблеми со корени во детството поради што се чувствуваат недостојни за љубов“ и се плашат од интимност.
-Поради тоа избегнуваат да бидат вистински интимни со партнерот. А, друго можно објаснување, е дека тие би можеле да имаат проблеми со сексуална зависност или нарцисоидни или социопатски карактерни црти, појасни докторката.
Таа смета оти е важно, тн. „сериски изневерувачи“ кои сфаќаат дека имаат проблем – да побараат помош.
-Но, почнете со тоа што ќе бидете искрени со себе и ќе си признаете дека имате проблем. Во спротивно, најверојатно ќе повредите многу луѓе, а ќе ја нарушите и вашата самоувереност, нагласи д-р Еделман.
Има совети и за оние кои веќе изневерувале, но имаат каење и не сакаат тоа да им стане навика.
-Ако не планирате тоа да прејде навика, поштедувањето од болката на партнерот е најдобриот начин доколку навистина сакате да останете со него / неа. Но, ако се посомнева и ве праша дека сте неверни, не ги влошувајте работите со лажење, советува психијатарката.
Како човекот да им се спротивстави на погрешните мисли? – Со настојување на фактот дека има моќ да му одолее на нагонот.
-Првиот чекор е да се разгледаат вистинските последици од изневерувањето. Треба да бидете целосно свесни за тоа што би можело да се случи ако постапите според вашите желби. Многу е веројатно дека изневерувањето ќе му наштети на односот со партнерот, децата, но и на вашиот углед. Откако ќе ја преминете линијата, можеби ќе биде полесно да ја преминете повторно и така да создадете шема на мамење, појасни Еделман.
Разговорот со пријател или член на семејството кој разбира и сака да помогне, исто така може да биде од помош.
-А, и да му кажете на партнерот дека имате нагон на изневерување, може да биде изненадувачки корисно. Иако тоа може да биде многу тешко да се направи, помалку ќе го повредите партнерот ако тоа е само мисла, а не и намера за вистински чин, рече стручњакот.
Секако, важно е и да се нагласи – има разлика за тоа дали оваа желба се јавила поради горенаведените причини или зашто сте несреќни во врската. (МИА)