Дали знаете како изневерувањето влијае на физичкото и менталното здравје и на мажите и на жените?
Никој не сака да биде изневерен, а кога ќе се случи тоа, влијае на психичката состојба. Природно прашање е како да се справите со неверството, поточно како може врската, односно бракот да ја преживее таа епизода.
Сознанието дека сме биле изневерени може да влијае на самодовербата, на почетокот секој доживува некаков шок.
Колку и да се сомнева некој, тоа е виор од разни емоции. Тогаш се јавува тага и гнев, измешани во фази. Жените имаат тенденција, кога ќе дознаат за измама, да се запрашаат: „Што не е во ред со мене? Дали направив нешто погрешно?“.
Изневерувањето можеме да го доживееме како да сме ние „лошите“ и тоа е негативен сегмент каде што не разбираме дека нашиот партнер изневерува поради тоа што е, а не поради тоа што ние сме.
Никој не е толку повреден затоа што партнерот имал интимна врска со некој друг. Тоа што боли е: ме изневери мене, нашиот однос, она што сме.
Што може да направи измамениот човек за да се чувствува подобро?
Тоа зависи од изборот дали ќе останете во врската. Откако ќе дознаат за измамата, многу луѓе остануваат во бракот и пробуваат нешто во таа врска, или врската веднаш завршува. Најлошо е да го чувате тоа во себе, да не разговарате со никого и да се однесувате како никогаш да не се случило. Тогаш нашето тело почнува да реагира.
Лицето кое дознава за измамата доживува еден вид емоционална траума и често има некои симптоми на посттрауматско стресно растројство во следните три до шест месеци. Несоница, луѓето брзо губат тежина, се оптоварени со присилни мисли за сето тоа или се фрлаат во детективска работа за да се фокусираат на тоа трето лице. Лошото во таа ситуација е што се фокусираме само на надворешното, на партнерот кој нè изневерил и на третото лице. Токму ова е најголемата замка. Многу помага да зборувате со другите, иако луѓето често се затвораат во овие ситуации. Разговарајте со пријател, член на семејството, или психотерапевт.
Дали има разлика во тоа како мажите и жените го прифаќаат изневерувањето? Во денешно време речиси подеднакво изневеруваат и мажите, и жените во хетеросексуални врски, со тоа што терапевтите велат дека жените се малку „попаметни во изневерувањето“, па поретко се дознава.
Жените најмногу се фокусирани на тоа дали партнерот кој ги изневерил има чувства кон другата жена, дали ја сака, дали планира нешто со неа. Мажите почесто прашуваат дали имало секс, физички контакт, каков е другиот во сексот? Мажите се повеќе повредени од специфичната физичка измама, а жените се повеќе загрижени дали партнерот ја претпочита неа или другата жена.
Извор: Кајгана.мк