Во секоја врска има добри и лоши денови, но во некои врски лошите денови се многу побројни и почести отколку во други. Ако често се замислувате дали исчезнале љубовта и страста од вашата врска и чувствувате дека со секој изминат ден вашите односи со партнерот се сè поладни, тогаш најверојатно треба сериозно да размислите дали имате заедничка иднина.
Не сте сигурни каде се движи вашата врска? Еве кои знаци укажуваат на тоа дека врската ви е во неволја:
-Расправиите не стивнуваат, се чувствувате како да сте во војна. Никој друг не знае освен вие, но Третата светска војна веќе се води и тоа помеѓу вас и вашиот партнер. Постојано се расправатe, дури и за најмалите и најнезначајните нешта. Иницирате кавга за тоа што ќе јадете, каде ќе излезете, со кого ќе излезете… Кавгите не се секогаш лош знак, но ако се случуваат секојдневно и ако изгледа како вие или партнерот намерно да барате игла во сено само за да можете да започнете битка, тогаш време е да се запрашате што се случува во врската. Таквите мали кавги најчесто предизвикуваат насобирање на лутина, а еден ден таа лутина неизбежно ќе експлодира.
-Чувствувате дека седите до странец. На почетокот на врската ви се чинеше дека можете да разговарате со денови без да сопрете. Чувствувавте дека можете да си кажете сè еден на друг и помеѓу вас постоеше блискост и поврзаност. Сега, колку и да седите блиску еден до друг, се чувствувате како да има препрека меѓу вас, исто како да има цела планина која ви ја попречува комуникацијата. Неговите „исповеди“ веќе ги нема и вие знаете сè помалку за неговиот живот. Понекогаш мажите се оддалечуваат на таков начин затоа што во нивната глава врската веќе е завршена, само не нашле начин да ви кажат.
Сè поретко имате секс и сè повеќе се намалува вашето задоволство. Порано тој ве опсипуваше со бакнежи и нежни допири и се обидуваше вашето задоволство в кревет да биде максимално. Сега не само што ретко имате сексуални односи, туку и исчезнува неговата грижа за тоа дали вие сте задоволени. Се разбира, може да се работи само за период во којшто тој е оптоварен со други проблеми, па стресот ви го убива сексуалниот живот. Но, ако ова трае подолго време и ако забележите дека искрата во неговите очи исчезнала, тогаш време е за сериозен разговор.
-Повеќе не запомнувате што му се допаѓа за да можете да го изненадите со најдобар подарок за неговиот роденден. Во текот на првите месеци од вашата врска во главата си правевте список на работи што тој ги сака и список со работи што не ги сака за да можете да му приредувате мали изненадувања. Но, ако сега веќе не обрнувате внимание кога тој кажува какви слушалки или каков паричник посакува, тоа значи дека вашите чувства оладуваат. Доаѓа неговиот роденден, а вие купувате нешто колку да не останете без подарок.
-Неговите телефонски повици, SMS-и или пораки на Facebook повеќе не ве прават среќни. Се сеќавате на убавите денови кога неговиот повик или порака го забрзуваше ритамот на вашето срце? Сега добивате порака со најнежните зборови што некогаш излегле од него, а вие не можете ниту да се поднасмевнете. Со текот на времето нормално е да исчезнуваат пеперутките од вашиот стомак, но ако неговите убави зборови и комплименти веќе ништо не ви значат и ако не чувствувате потреба вие понекогаш да го направите истото, тогаш и сами можете да забележите дека вашата страст и љубов останале во минатото.
извор: попара.мк