„Ме сака… Не ме сака… Ме сака…“ Престанете да ги кинете ливчињата на цвеќето, тие нема да ви кажат дали тој сè уште ве посакува. Сакате да дознаете дали вашиот бивши ве чува во своето срце и сака да му се вратите? Побарајте ги кај него следниве позитивни знаци:
- Прави промени кај себе и веднаш ве известува за тоа. По вашата разделба тој се труди да ги прифати сите критики што сте ги упатувале на негова адреса, прави промени и ја користи првата прилика да ви го соопшти тоа. Ве нервираше неговата мрзеливост и неамбициозност? По разделбата тој веднаш започнува со барање работа и по првиот успех веднаш трча кај вас. Со таквото однесување тој сака да ви каже дека е склон да направи многу за да му се вратите.
- Често ви се јавува, ве контактира на Facebook. Ова е сигурен знак дека тој се плаши дека може да изгуби контакт со вас, па ќе ја искористи технологијата за да остане поблиску до вас. Уште посигурен знак е ако вашите разговори се долги и секогаш ги завршувате вие – тој едноставно не сака да прекине да зборува со вас.
- Ви се јавува кога е под дејство на алкохол. Вие се јавува и зборува растегнато и несврзано, што укажува на тоа дека се напил малку повеќе. Во ваква ситуација тој може да ви каже како навистина се чувствува за во случај да го „откачите“ да може наредниот ден да го обвини алкохолот за инцидентот. Но, исто така, може да ви се јави и да започне да зборува за нешто што не е поврзано со вас двајцата. И тоа е позитивен знак. Зошто? Многумина посегаат по алкохолот за да се почувствуваат подобро по раскинувањето. Ако ви се јавува вам, тоа значи дека вие сте му во мислите додека пие, односно вие сте причината за испиените пијалаци.
- Неговиот статус на Facebook сè уште гласи „In a Relationship“. Не си мислете дека промената не е направена затоа што не му дошло на ум да ја направи или затоа што немал време. Тој не го менува својот статус бидејќи се надева дека не е сè завршено со вас. Но, пред да се израдувате, проверете дали статусот се однесува на вас. Сепак, има мажи кои лесно преминуваат од една во друга врска.
- Не може да го извади вашето име од уста. Ако додека разговарате го повторува вашето име како расипана грамофонска плоча, тоа е добар знак. Најверојатно тој чувствува огромно олеснување и среќа што има можност да ви се обрати и да ви го изговори името. Поцврст доказ дека ве посакува е ако му излета љубовниот прекар што го користел кога сте биле во врска (сонце, злато, срце…).
- Ви кажува дека му недостигате на неговото друштво/семејство/куче. На овој начин тој всушност ги користи нив за на индиректен начин да ви каже дека му недостигате токму нему.
- Со носталгија зборува за вашата врска. Кога „случајно“ вашата врска ќе стане тема на разговор, во неговите очи можете да насетите тага, а во неговите зборови носталгија. Тоа значи дека тој не е подготвен да ги остави убавите спомени во минатото и сака да продолжите заедно.
- Остварува физички контакт. Оптимистички знак е ако при секоја ваша средба тој се обидува да оствари физички контакт со вас – ви ја држи раката, ви дава комплименти за фризурата додека ви ја допира косата и сл.
- Прво вас ве бара за консултација. Ви се јавува пречесто за да го побара вашето мислење? Тоа не е затоа што тој ве цени како пријателка, туку затоа што му е важно вашето мислење и сака неговите одлуки да се во согласност со вас.
- Ви праќа „гулапчиња“. Понекогаш она што тој сака да ви го каже може да стигне до вас преку неговите пријатели. „Најубав пар сте. Нема ли да се смирите?“ – може да ви каже негов пријател. Мажите зборуваат со своите пријатели исто како и ние жените, па неговиот пријател знае дека тој сака да му се вратите и затоа ви се обраќа со такви прашања. Ако вашиот бивши не сака ништо со вас, неговите пријатели нема да споменуваат ништо за вашата врска и нема да зборуваат за вас како пар.
Знаете што? Ако седите сериозно размислувајќи дали сте ги виделе овие знаци кај него, веројатно сè уште имате чувства кон него. Да, во некои случаи може да го правите тоа чисто поради љубопитност, но постои веројатност и вие да сакате продолжување на врската исто колку и тој.
Сакате да ја обновите врската? Убаво размислете дали вашата врска и тој заслужуваат втора шанса, па ако си одговорите потврдно, возвратете на сигналите што ви ги испраќа.