Непишаното правило дека времето на чекање до почнувањето на нова врска е „времето во кое сте биле во претходната врска поделено со 2“, очигледно не важи за сите.
Насекаде околу нас, во секојдневниот живот и во светот на славните, гледаме како луѓе „скокаат“ од една врска во друга, а и самите сигурно сте биле во таква ситуација, или сте во моментов.
Нема математичко решение за ова, но има неколку знци што укажуваат дека сепак не сте биле подготвени да почнете нова врска, без разлика дали уште не сте ја преболеле старата љубов или едноставно се немате најдено себе си.
Постојано ја спомнувате старата врска
Секако дека вашите претходни врски ќе бидат тема на разговор прашање е само колку често се случува тоа. Ако се фатите како 20 минути зборувате за тоа како бившиот не знаел да мие садови, на вториот состанок со новиот дечко, тоа е аларм што не треба да го игнорирате. Ако се прашувате дали премногу често зборувате за бившиот/бившата или раскинувањето, најверојатно веќе го правите тоа. Ако поминувате многу време прашувајќи се како завршила претходната врска или колку лошо тоа ви се одразило, почнувате да градите ѕид околу себе, а тоа не е начин да почнете нова врска. Новата личност во вашиот живот не е должна да поминува низ овие препреки.
Ја поминувате (речиси) секоја ноќ со новиот партнер
Во која било нова врска не се препорачува да ја поминувате секоја вечер заедно на почеток, бидејќи губите осет за реалниот свет, но е уште поопасно ако тоа го правите откако само што сте излегле од друга врска, особено долга. Кога го правите ова, почнувате да ги игнорирате и запоставувате другите аспекти на вашиот живот – семејството, пријателите, личните интереси, рекреацијата. Исто така, ако сакате да успее новата врска, треба да си дадете личен простор и прилика да си недостигате.
Врската главно се врти околу секс
По (лошо) раскинување, понекогаш само сакате да бакнувате друг човек и да го избришете вкусот на бившиот. Меѓутоа, ако веднаш почнете врска со новиот човек со кој се забавувате, направете чекор наназад. Причината зошто сме толку длабоко повредени по завршувањето на долгогодишна сексуална врска е бидејќи телото поминува низ процес на „одвикнување“, исто како кај зависниците. Дури и ако бившиот/бившата бил/а вистинско ѓубре, сосема е природно да ви недостига физичкиот аспект на врската, од секс до гушкање. Се чувствувате посреќни отколку што навистина сте со новата личност, бидејќи ви ја дава таа толку потребна „доза“ физички контакт.
Постојано се допишувате
Кога сте тазе сингл, ако анјдете некој со кој имате одлична хемија во комуникација преку пораки, тоа веднаш создава зависност. Одеднаш имате некој со кој ќе ја пополните тишината, и иако сте се виделе само два пати имате чувство дека ги знаете цел живот. Честата комуникација преку пораки може да резултира со лажно чувство на интимност, што всушност е само блискост.
Го преплавувате вашиот тајмлајн со фотки во двојка
Откако ќе поминете низ неизбежното чистење на вашите профили на социјалните мрежи од сите траги на претходната врска, си ветувате дека следниот пат ќе објавувате фотки од партнерот само ако е врска за сериозно. А сепак, многумина немаат проблем да објават фотка со личноста со која се забавуваат само три недели.
Постојаното објавување фотографии на Facebook, стори на Instagram и чекирања, можеби е одраз на тоа дека повеќе сакате да си докажете себе си, на светот и на бившиот/бившата дека сте продолжиле понатаму и имате нова, сериозна, стабилна врска. Дури и да не сте потресени од раскинувањето, ваквото однесување потсвесно е желба да се покаже дека ви е супер.
Ништо не сте научиле од претходната врска
Дури и ако сте биле во врска со ѓаволот лично, од секоја врска (и раскинување) може да извлечете некаква поука и да научите нешто, вклучувајќи некој ваш неостаток или предупредувачки знаци кои сте ги игнорирале. Ако вашиот единствен заклучок е „Не, едноставно беше ужасно!“, најдобро е да почекате пред да почнете нова врска. Ако веќе имате низа од раскинувања и одбиваме да направиме пауза во која навистина ќе погледнеме наназад и ќе согледаме што е она што може да го понудиме во врската, како очекувања, обврски и вредности, или да размислиме каков тип на личност бираме, тогаш секогаш ќе завршуваме каде што сме почнале, како во магепсан круг.
Супер ви е што новата врска е потполно различна од претходната
Можеби совршено сте оправдани што го презирате бившиот заради неговите лоши навики (невнимателен, неодговорен, постојано играл видеоигри или бил со другарите…), но тоа не значи дека новиот дечко (кој да речеме е организиран, трча маратони и волонтира) е одговор на сите ваши проблеми или дека нема свои маани и несовршености. Истражувањата покажале дека кога сме во фаза на „реанимација“ обично новото го гледаме како попривлечно и подобро отколку што вистина е или барем поразлично отколку кога би го гледале во друга ситуација. Не се залажувајте дека овие површни разлики значат дека сте совршен спој само бидејќи новиот дечко не е како бившиот.
Страв дека пропуштате нешто добро
Можеби ќе се најдете во ситуација да запознаете некој навистина супер, но поминало многу кратко време од раскинувањето на претходната врска и самите знаете дека не сте подготвени за нова. Исто така чувствувате притисок да ги правите нештата побрзо и поинтензивно од страв дека можеби оваа супер личност нема да биде достапна кога вам ќе ви биде погоден периодот да бидете во врска. Експертите советуваат дека најдоброто нешто што може да го направите за себе (а и за другиот) е да бидете искрени со себе. Ако го скокнете овој чекор, се ставате во ризик да влезете во новата врска пред да ја „надраснете“ претходната и да пораснете вие како личност, без да ги испроцесирате нештата. Сосема е ок (дури и одлично!) ако се заљубите повторно малку побрзо отколку што сте очекувале, по раскинувањето. Но, тоа мора да се случи со темпо што вам ви одговара. Кога навистина сте подготвени за врска нема да се грижите дали избрзувате со чувствата и обврските.
извор: кајгана