За разлика од порано, раскинувањето во 21 век е многу потежок процес. Тоа се должи токму на социјалните медиуми кои се веќе дел од нашето секојдневие и без кои, сакале или не, не можеме да го замислиме животот. Токму поради овие модерни начини на комуникација, многу луѓе на еден или на друг начин остануваат во контакт со поранешните партнери и по завршувањето на врската.
Според психолозите, постојат 6 причини поради кои важно е да го прекинете контактот со поранешниот партнер откако веќе сте раскинале.
1. Ви треба време за да го пребродите раскинувањето
Тагата, очајот и депресијата се неминовни чувства кои се дел од процесот на раскинување. Тоа е процес кога по интензивните, емотивни настани, почнувате да се соочувате со новата реалност. Овие емоции се логични и очекувани, но со текот на времето ќе избледат, а тогаш можете да го направите првиот чекор кон позитивна промена. Сепак, ова е можно само доколку го прекинете контактот со личноста која е извор на овие екстремни емоции. Доколку го одржите таквиот контакт, силните емоции ќе ве држат врзани за минатото и нема да можете лесно да го заборавите тоа што се случило.
2. Треба да го замените сомнежот со доверба
Процесот на раскинување може негативно да се одрази врз вашата самодоверба. Тоа може да доведе до чувството на страв дека ќе останете сами, дека нешто не е во ред со вас. Без разлика колку и да се чини невозможно, морате да почнете од почеток така што ќе се откажете од сето она што ве одржувало во лоша врска и ќе развиете позитивен однос кон нештата. Тоа ќе ви помогне да си ја повратите вашата самодоверба. Најлошото сценарио во овој случај би било да го продолжите навидум невиниот однос со поранешниот партнер за да продолжите скришум да се жалите на тоа што сте доживеале и да се оптоварувате со непотребни мисли.
3. Морате одново емотивно да се поврзете со себе
Додека сте во врска, партнерот е секогаш во преден план на вашите мисли и така повеќето одлуки ги носите целосно свесни за вашата врска. Затоа, доколку ги елиминирате сите мисли поврзани со партнерот, ќе ги прочистите не само мислите туку и вашите чувства. Токму емоционалната чистотија е она што ви треба пред да одлучите во која насока ќе продолжите по долготрајна врска.
4. Не треба да го идеализирате поранешниот партнер
Нема да можете да сфатите дека сте ѝ дале преголема важност на врската која можеби и воопшто не била здрава за вас токму поради силните емоции кои следат по раскинувањето. Секако, тоа не значи дека поранешната врска не била значајна, но вистината е дека не сите значајни работи се засекогаш неопходни. Доколку го сфатите тоа и навреме прекинете каков било контакт, ќе ви биде полесно да започнете нова, здрава врска во иднина и нема да ја споредувате со она што веќе поминало.
5. Еден ден можеби и повторно ќе станете пријатели со поранешниот партнер
Дури и ако сте во искушение да воспоставите пријателски однос со поранешниот партнер, мора целосно да ја прекинете комуникацијата веднаш по раскинувањето, барем за некое време. Сепак, периодот без комуникација може да биде навистина тежок, особено доколку имате работи кои ве поврзуваат како деца, работа во иста компанија, заеднички пријатели… Во такви случаи препорачливо е да ја сведете комуникацијата на минимум и повторно да воспоставите нормална интеракција само кога ќе бидете емоционално подготвени за тоа, со јасни желби и очекувања.
6. Затоа што сакате да бидете подобри отколку што бевте
Кога ќе ја прекинете врската, имате можност да престанете да бидете личноста каква што бевте кога бевте во врска. Овој емотивно нестабилен период е истовремено и време кога можете да почнете со ново хоби, да негувате нов имиџ и други нешта кои можеби не сте си ги дозволиле во текот на врската.
извор: кафепауза.мк