Бебе за кое се смета дека е најмалото во светот при раѓање, е отпуштено од болница во Сингапур по 13 месеци интензивно лекување. Квек Ју Ксуан имала само 212 грама кога се родила и била долга 24 сантиметри. Се родила на скоро 25 недели (просечни се 40 недели), пренесува „Би-Би-Си“.
Мајката на Ју Ксуан ја роди со итен царски рез четири месеци порано откако ѝ беше дијагностицирана прееклампсија-опасно висок крвен притисок што може да ги оштети виталните органи и да биде фатален и за мајката и за бебето.
Ју Ксуан сега тежи 6,3 килограми
Девојчето имало „ограничени шанси за преживување“, според „Националната универзитетска болница“ во Сингапур каде што се родила.
„Наспроти шансите, со здравствени компликации присутни при раѓање, таа ги инспирираше луѓето околу себе со својата истрајност и раст, што ја прави извонредно бебе – зрак надеж среде немири“, се вели во соопштението на болницата.
За време на престојот во болница, Ју Ксуан доби повеќе видови третман и се потпираше на различни видови машини за да преживее.
Лекарите велат дека нејзиното здравје и развој напредувале добро под нивна грижа и дека сега е доволно добро за да биде отпуштена. Ју Ксуан сè уште има хронична болест на белите дробови и ќе и треба помош при дишењето дома. Сепак, лекарите велат дека се очекува со текот на времето да се подобри.