Зборовите честопати се потценуваат и во многу ситуации не го разбираме влијанието на зборовите врз личноста кон која се упатени.
Зборовите што ги изговара една личност можат да откријат многу работи за таа личност. Едно неодамнешно истражување покажа дека одредени обрасци во говорот можат да посочат на раскинување со месеци однапред. Научниците кои го спровеле ова истражување проучиле повеќе од еден милион објави на социјалната мрежа Редит, објавени од 6 800 корисници кои изјавиле дека раскинале со своите партнери или дека биле оставени.
Анализирајќи гo начинот на изразување во објавите, истражувачите заклучиле дека луѓето кои поминуваат низ раскинување почнуваат да го менуваат своето однесување три месеци пред самото раскинување. Индикатор за прекин на врската не се тажни песни или трогателни цитати, туку посуптилни знаци во говорот. На пример, луѓето кои ќе поминат низ раскинување за неколку месеци почесто ја користат заменката „јас“ и нивните објави стануваат многу полични.
„Ова се јасни знаци дека некој носи одреден товар на размислување, обидувајќи се да го надмине она што го мачи, фокусирајќи се на себе“, вели водачот на истражувањето, Сара Серај.
Луѓето кои се депресивни или тажни, почесто користат „јас“ во своите изјави затоа што им е тешко да се фокусираат на другите и да се поврзат со другите. Овие промени во говорот се евидентни дури и во теми што не се поврзани со љубовниот живот на лицата кои ќе доживеат раскинување за неколку месеци.
Интересен е фактот што говорот на луѓето кои раскинале се вратил во нормала во рок од шест месеци по прекинувањето на врската. Но, за некои луѓе, промената траела повеќе од една година и тие го покажале тоа преку чести прераскажувања на раскинувањето, а тоа им го отежнувало закрепнувањето.
Заклучокот на ова истражување, покрај очигледните промени во начинот на изразување и размислување на човекот, е и фактот дека постојаното повторување на она што довело до раскинување не доведува до заздравување ако личноста нема поддршка од најблиските. Исто така, голем број луѓе не се свесни за промените што укажуваат на тоа дека претстои раскинување. Затоа, ако забележите дека вашите најблиски се фокусирани на себе во говорот, помогнете им, разговарајте со нив и бидете тука за нив. Ако забележите такви промени кај себе, отворете се пред најблиските и не срамете се да ги претворите мислите во реченици со кои ќе споделите што ве мачи.
извор:кафепауза.мк