Дали сакате да го решите вербалниот конфликт во ваша корист? Користете некои од овие трикови што ќе ја изгаснат експлозивната расправија и ќе ја смират другата страна.
1. Потврдете ги чувствата на другата страна
За време на жестоката расправија, тешко е да бидете љубезни и да кажете убави работи за личноста со која се расправате. Но, ако сакате да ја смирите ситуацијата, најкраткиот начин да го направите тоа е да ги потврдите чувствата на другата личност.
Кажете работи како: „Разбирам зошто се чувствуваш така“ или „секој би се чувствувал така во иста ситуација“. Напнатоста ќе се смири многу брзо затоа што во повеќето случаи луѓето сакаат другите да ги „слушнат“ нивните проблеми и да ги ценат.
2. Водете ја расправијата како и секој друг разговор
Експертите се согласуваат дека квалитетната кавга е отворен разговор помеѓу две лица. Немојте само да нижете обвинувања и навреди, туку слушајте што ви кажува другата страна. Ако му дозволите на вашиот партнер да се изрази без прекини, нема ни да има експлозивна кавга.
3. Не губете ги нервите
Сакате да победите во расправијата? Не губете ги нервите. Иако за време на расправијата е тешко да останете смирени, обидете се да го постигнете тоа. Ако започнете луто да разговарате со другата личност, ќе ја налутите и ќе ја разгорите кавгата до незамислена кулминација.
4. Изнесете факти
Пред да се впуштите во расправија, соберете ги сите релевантни факти. За време на расправијата, не сакате да имате неточни информации затоа што на тој начин ќе ги ослабите аргументите и ќе изгубите.
5. Избегнувајте генерализирање
Не користете генерализации затоа што на тој начин нема да победите во расправијата. Другата страна ќе биде многу фрустрирана ако ја обвинете за работи со реченици што започнуваат со „ти секогаш“ или „ти никогаш“.
6. Погледнете ги работите од друга перспектива
Најдобриот начин да ја смирите ситуацијата за време на расправијата е да ги погледнете работите од друга перспектива. Тоа е единствениот начин да дојдете до ефикасен противаргумент чија цел не е понижување, туку решавање на вербалниот конфликт.
7. Не обвинувајте
Луѓето во кавги често „напаѓаат“ со реченицата: „Ти го направи ова“, што ги тера другите да се бранат, а не да го решаваат проблемот. Наместо тоа, користете јас-реченици за да објасните зошто се чувствувате така како што се чувствувате, без да ја обвините другата страна. Ова е навистина мала, но ефективна јазична тактика што носи одлични резултати.
извор:кафепауза.мк/христина видевска