Сè додека размислувате за бившиот или бившата и редовно ги следите неговите / нејзините профили на социјалните мрежи и посетувате места каде што верувате дека може да ги сретнете, не сте отворени за запознавање нови потенцијални љубови. Ако вие и бившиот или бившата сте завршена приказна, максимално оддалечете се од нивниот живот и отфрлете го целиот емотивен багаж што сè уште го влечете со себе. Ако не го сторите тоа, можете да ја избркате секоја шанса да откриете нова, можеби вистинска љубов.
Се плашите од разделби
Останувањето во емоционално безбедната зона сигурно ви звучи привлечно, особено ако сте биле повредени, разочарани и скршени релативно неодамна. Но, во сите оние моменти во кои се обидувате да не бидете ранливи, индиректно покажувате срам заради вашите сопствени потреби и желби, и со тоа кревате одбранбен ѕид кој и најпрекрасните и најупорните ќе биде тешко да го пробијат. Не, не постои гаранција дека нема да бидете повредени повторно, и веројатно ќе бидете повторно, но сè додека не дозволите никој да ви пријде, нема да најдете мир и она што го барате, пишува „Космополитен“.
Премногу сте водени од вашата глава, а премалку од срцето
Секако, при изборот на потенцијален партнер ќе се водите според одредени критериуми, но едно е да се бараат посакуваните квалитети, а сосема друго е да се одбие кој било потенцијален партнер заради ирационални стравови како што е неможноста да се ускладат љубовниот, социјалниот и деловниот живот и обврските. Ако наидете на вистинскиот што вреди за вашето време и труд, тие ќе разберат сè што се случува во вашиот живот и ќе покажат разбирање за сите ваши грижи.
Се обвинувате самите себе поради лошите врски
Сите ние се справуваме со раскинувањата на поинаков начин. Некои се враќаат во нормала и се прибираат прилично лесно, објективно ја гледаат целата ситуација и со ладна глава си признаваат дека едноставно тоа не било тоа. Меѓутоа, има и такви кои за секоја неуспешна врска се обвинуваат исклучиво себеси. Експертите се согласуваат дека оние кои имале тешко детство и биле емоционално малтретирани се повеќе склони кон такво однесување, иако тоа не е правило. Она што треба да го имате предвид е дека врската се состои од две лица и дека и двајцата партнери, доколку сакаат врската да успее, мора да се трудат подеднакво. Понекогаш трудот едноставно не е доволен затоа што луѓето не одговараат едни на други, што времето ќе покаже порано или подоцна, но скоро никогаш не е виновна само една личност за раскинувањето. Затоа што дури и да има некои незадоволства и проблеми, другата страна треба да биде доволно ангажирана за барем да покаже волја да разговара за нив. Ако не сте имале толку среќа да имате таква личност покрај вас, очигледно е дека таа личност не била вистинската за вас. Она што не смеете да го заборавите е дека никогаш не смеете да се обвинувате себеси. Ако функционирало, ќе траело.
извор: локално.мк