Дали некогаш во животот ви се случило да се плашите да раскинете со некого иако сте свесни дека партнерот не ве заслужува? Токму чувството на вина не ви дозволува да го направите тој чекор. Во еден момент сфаќате дека вашиот партнер воопшто не се грижи за вас и за вашата љубовна врска, а вие сте личноста која, всушност, ја одржува врската преку вашето страдање. Не заборавајте дека вие заслужувате да бидете среќни со некој кој ќе биде способен да ве сака и да ви возврати со истата (или речиси иста) доза на љубов. Прочитајте во продолжение кои мисли ве држат „заглавени“ во врска со личноста која не ве заслужува.
1. Не сакате да го повредите партнерот
Многупати луѓето остануваат во врска бидејќи нивниот партнер бил многу добар со нив и затоа не сакаат да го повредат. Но, доколку сфатите дека не постојат страст и љубов во вашата врска нема потреба да се чувствувате виновни поради тоа.
2. Некогаш ја сакавте таа личност
Помислата да ја напуштите личноста која некогаш сте ја сакале или која ве сакала, може да биде навистина болна. Но, не заборавајте дека работите се менуваат со текот на времето, па така и луѓето и ситуациите. Така, партнерот со кој сте биле во врска со години можеби се променил, можеби неговите чувства и однесување кон вас се промениле во меѓувреме. Имајте на ум дека освен љубовта, неопходни елементи за да опстане една врска се почитта и разбирањето.
3. Се плашите дека нема да најдете подобра личност
Секој го има овој страв во поглед на иднината: „Што ако не најдам подобар партнер? Што ако нема да пронајдам некој кој ќе ме сака?“. Но, дали некогаш сте помислиле дека токму овој страв ве спречува да живеете многу подобар живот од овој сегашниот? Можеби животот се обидува да ви даде уште една можност, а вие ја игнорирате токму поради вашите стравови!
4. Уживате во начинот на живот што го споделувате со таа личност
Можеби партнерот ви ги обезбедува сите поволности и привилегии што некогаш сте ги посакувале во животот. Но, доколку и на двајцата не ви е пријатно во врската, тогаш која е поентата да продолжите да ја одржувате?
5. Немате храброст да се одлучите за иднина полна со неизвесност
Никој не ги сака животните неизвесности, но тоа е животот. Затоа, искористете ги можностите кои ви се нудат секој ден и кои сигурно ќе ве однесат кон подобар живот. Пружете си самите себеси шанса за да ризикувате и ќе увидите дека вашиот ризик нема да биде залуден.
6. Сметате дека не заслужувате подобро
Не казнувајте се себеси со одлуката да останете во врска која ви предизвикува само болка и тага. Не дозволувајте зборовите на другите да ве натераат да се презирате себеси. Само вие знаете со какви предизвици сте се соочиле во животот и премрежињата низ кои сте поминале додека сте биле во оваа врска. Не дозволувајте оваа мисла да ја уништи вашата шанса за подобар живот!
Откако ги прочитавте нашите совети, можеби ќе сакате да прочитате и зошто е тешко да ставите крај на нездравата љубовна врска.
Извор: themindsjournal.com/кафепауза.мк