Постојат многу причини зошто паровите се одлучуваат на пауза од нивната врска за време на топлите месеци. Но, вистината е дека летната пауза не е за секого. Точно е дека топлото време понекогаш нè тера да фантазираме за летна авантура или да бидеме завидливи на нашите слободни пријатели кои влегуваат во спонтани авантури без никакви грижи. Но, постојат и причини зошто летната пауза во врската не е добар потег. Прочитајте зошто оваа одлука може да не е добра за вас…
Најпрво да се нурнеме во легитимните оправдувања за летна пауза. Ако вие и вашата втора половина сте заглавени во непрекинат циклус на расправање околу едната иста работа, сигурно и двајцата искрено чувствувате дека паузата од вашата врска ќе ви ја даде јасноста која ви е потребна за да можете полесно да ги решавате конфликтите. Ако ова е случајот, најверојатно имате право. Сепак, и двајцата треба да бидете јасни зошто правите пауза и да бидете подготвени на справување со промените кога повторно ќе решите да се вратите. Од друга страна пак, доколку скоро сте излегле од врска, па оваа сега ви се чини дека станува сериозна премногу брзо, можеби ќе сакате да се оддалечите малку и да ги изладите работите, со цел да размислите што сакате, пред да навлезете премногу длабоко. И ова не е лоша причина за пауза.
Но, постојат и многу причини зошто летната пауза можеби не е најдобра идеја за вас. Еве неколку од нив, кои експертите за љубовта и врските советуваат да ги разгледате пред да направите каква било одлука.
Чувствувате дека можеби тој или таа се вистинските за вас
Кога ќе наидете на тешки времиња со вашиот партнер, можеби ќе почувствувате како да го притискате копчето за паника и правите чекор наназад од вашата врска – особено за време на летната сезона, кога барате безгрижни, позитивни вибрации.
„Но, само затоа што минувате во фаза на лоша комуникација и конфликти, не мора да значи дека идејата за пауза е добра“, вели д-р Гери Браун, истакнат советник за парови во Лос Анџелес. Силно препорачувам да не правите пауза за време на летниот период ако мислите дека вашиот партнер е некој кој би сакале да биде во вашиот живот во иднина Со правењето пауза во оваа ситуација, каде што сте во добри односи и посветени еден на друг, едноставно ја ставате вашата врска во ризик.“
Доколку се чувствувате заглавени во ќор-сокак за одредено прашање и одвоите малку време да се оддалечите од вашиот партнер, сигурно ќе добиете поинаква перспектива. Но, во некои случаи, најдобро е да останете, да издржите и да видите дали можете да работите како тим и да ги подобрите условите (можеби и со помош на терапевт за парови) наместо да избегате од проблемот.
Едноставно ви е здодевно
Летото е полно со искушенија. Доколку се чувствувате досадно во вашата врска, можеби размислувате дека паузата е одлично решение. На тој начин, можете да имате летни авантури и подоцна повторно да се вратите на вашиот сигурен партнер.
Но, не брзајте. Ако се чувствувате љубопитни за тоа кој друг е таму некаде, тоа укажува дека вашата врска ја изгубила својата искра. Кога ќе заврши летото, и вие се вратите на својот партнер, не можете да очекувате дека и искрата ќе се врати со вас. Со други зборови, нештата ќе бидат онакви какви што сте ги оставиле уште на почетокот, и згора на тоа, ќе имате непријатни разговори со вашиот партнер за вашите скандалозни случувања со други луѓе.
Токму затоа д-р Браун забележува дека е најдобро да не ставате пауза за време на летниот период само од досада или љубопитност.
„Да, тревата секогаш изгледа позелена од другата страна“, објаснува тој. „Но, треба да се запрашате: Дали вреди да се ризикува губењето на партнерот за една летна авантура?“
За среќа постојат многу начини за враќање на искрата во вашата врска, но факт е дека правењето пауза дефинитивно не е еден од нив.
Едноставно ви е страв да ставите крај
Можеби се плашите дека ако ставите крај, ќе бидете повредени или пак, сакате да оставите простор за во случај да се премислите. Доколку чувствувате во вашиот стомак дека се ближи крајот на вашата врска, д-р Браун советува против правењето летна пауза.
„Запрашајте се дали земањето пауза е вашиот вистински потег, кога сакате да ставите крај на една врска?“, вели тој.
Секако, раскинувањето со некој може да биде крајно тешко, особено ако сте биле долго време заедно и сте имале планови за иднината. Сепак, држејќи го вашиот партнер во неизвесност, само затоа што немате храброст да ставите крај е многу поопасно за здравјето на емоционалната состојба на вашиот партнер, како и за вашето.
Друга работа што треба да се има на ум доколку размислувате за летна пауза, е како вашиот партнер ќе го доживее овој предлог.
„Некои луѓе сметаат дека тоа е огромно црвено знаме ако сакате да се одморите од вашата врска во текот на летните месеци, бидејќи тие мислат дека тоа е знак дека не сте целосно посветени на врската и чекате нешто подобро да дојде“, вели Марија Саливен, експерт за врски.
Ако не можете да одлучите дали треба да направите пауза за време на летото, експертите советуваат дека најдобро е да имате искрен, отворен разговор со вашиот партнер за вашите чувства, пред да донесете какви било нагли одлуки. Д-р Браун, исто така, забележува дека може да биде корисно да се разговара со близок пријател или терапевт, за да се добие мислење и од страна.
„Треба да се запрашате дали вреди ризикот да го изгубите партнерот со кој сакате да поминете долг период во иднината“, објаснува д-р Браун.
Додека очигледно има многу добри причини да не се зема пауза за време на летото, Саливен вели дека тоа исто така може да биде и идеално време за пауза, доколку тоа е нешто за што сте размислувале некое подолго време.
„Ако вам и на вашиот партнер ви е потребно некое време да поминете разделени за да сфатите каква иднина има вашата врска, летото е вистинскиот период да одвоите повеќе време за семејството и за пријателите, правејќи ги работите кои ги сакате најмногу“, додава таа. „Летото може да ви даде време за самоспознавање, така што и вие и вашиот партнер можете да пронајдете нови перспективи.“
Нема некое посебно правило во врска со земањето пауза, на крајот сè се сведува на квалитетот на вашата врска, на вашите потреби и на партнерот, и кои се вашите очекувања од самата пауза. Но, ако сакате само да направите чекор наназад, бидејќи ви е здодевно, да ги избегнете проблемите или раскинувањето, тогаш паузата не е вистинскиот одговор. Покрај тоа, постојат и позитивни страни од тоа да се биде во врска во лето, а вие не би сакале да ги пропуштите, се согласувате?
извор: кафепауза