Сигурно на сите добро ви е познато ова сценарио: запознавате најдобра девојка на светот, онаква каква што отсекогаш сте посакувале. По интензивно флертување ù го барате бројот на телефон. Секако дека го добивате! Наскоро ја поканувате на првиот состанок. Еден состанок, втор, трет… и работите почнуваат да се одвиваат во најдобар ред. Си помислувате „Ах… конечно врска која води некаде!“ Но, како да се задржи овој момент?
Не дозволувајте вашите чудни навики да станат иритантни. Без искрена комуникација за вашите навики кои вие ги сметате за сосема нормални, врската нема далеку да стигне. Узурпирање на далечинскиот управувач, постојано гледање „странски“ серии и одбивање на каков било компромис околу телевизиската агенда се само дел од карактеристиките кои може да доведат до голема кавга.
Покажете интерес за пријателите на вашиот/та партнер/ка. Дури и самото несогласување со пријателите или членовите на блиското семејство на вашата сакана личност може да биде сериозна причина за прекин на една врска. Мора да се воспостави рамнотежа помеѓу времето за врската, пријателите и секако да се оддели време кога тие две работи се поклопуваат.
Не досадувајте со постојано праќање СМС-пораки во текот на работното време. Зачувајте ја целата комуникација за подоцна, па така ќе имате за што да разговарате во текот на ручекот или вечерата.
Не пишувајте долги љубовни пораки по повод годишнина, роденден, јубилеј… Некому тоа е премногу. Да не говориме за незгодниот момент додека го гледате вашиот партнер како го чита „романот“ кој сте го напишале на една честитка. Така сигурно нема да ви возврати на сè она што е напишано таму. Најдете интересна честитка и потпишете се! Така ќе имате повеќе простор за разговор.
Бидете умерени кога ги прераскажувате деталите за вашето минато. Тенка е линијата на толеранција за откривањето колку години сте имале кога сте ја изгубиле невиноста и прераскажувањето на тој настан, особено ако сте девојка. Ако веќе сте прашани за тоа, дадете кратки и јасни одговори и елегантно променета ја темата. Сè што е умерено е убаво!
Не бидете премногу достапни. Ова не значи дека треба да играте игра на недостапност преку игнорирање на телефонските повици и одложување на одговорите на СМС-пораките. Никој не го сака тоа. Ако сте слободни за излегување – слободни сте. Ако не сте – преместете го излегувањето за некој друг попогоден момент. Никако немојте постојано да бидете слободни или постојано да бидете зафатени!
Не прогонувајте го вашиот партнер/ партнерка на социјалните мрежи. Тоа може да го направи несигурен и најсамоуверениот човек во светот.
Не форсирајте ги работите. Дозволете вашата врска да се развива спонтано. Оставете времето да си го покаже своето.
Не трчајте по партнерот/партнерката. Секако дека секој сака да добие мало внимание од девојката која штотуку ја запознал, но немојте да бидете неумерени и нападни.
Ако еден ден сакате да создадете семејство со новиот партнер/партнерка, а нему/неа тоа не му/ѝ се приоритети за блиска иднина, тогаш откажете се од врската. Верувајте дека не можете никому да му ги промените животните планови и приоритети во краток рок. За тоа треба време и трпение и секако, искрен разговор.