Живот и Стил

Зошто ни е потребен витаминот Д?

Зошто ни е потребен витаминот Д?

Витаминот Д се создава по природен пат во човечкото тело, кога тоа е изложено на сонце. Поради тоа, познат е и како “сончевиот” витамин.

На сите ни е познато дека витаминот Д е особено важен за коските. Тој помага за полесно апсорбирање на калциумот. Недостатокот на калциум води до рахитис (омекнување и деформирање на коските) кај децата и остеопороза кај возрасните. Витаминот Д помага за побрзо зараснување на повредите на коските кај повозрасните луѓе.

Секојдневно се прават различни истражувања кои што докажуваат колку е важен витаминот Д и ги прошируваат областите во кои што е корисен. Така, денес познато е дека витаминот Д помага во заштитата и лекувањето на многубројни заболувања како некои видови рак (на дојката, на простатата, на дебелото црево), мултиплекс склероза и Алцхајмеровата болест.

Има и такви истражувања кои го сврзуваат витаминот Д и младоста. Според нив, жените кои што имаат поголемо количество витамин Д во крвта изгледаат помлади.

КОЛКУ ВИТАМИН Д ДА ВНЕСУВАМЕ ДНЕВНО?

Експертите препорачуваат дневно да се внесуваат 5-15µg витамин Д. Многу истражувања покажуваат дека со консумирање на 20µg дневно, се намалува ризикот од остеопороза.

Најголем дел од експертите сметаат дека дневното внесување на вкупно 25-50µg витамин Д, од различни извори (сонце, исхрана, додатоци во исхраната) е идеално за зачувување на добро здравје.

КОИ ЛУЃЕ ИМААТ ПОТРЕБА ОД ДОПОЛНИТЕЛНО КОЛИЧЕСТВО ВИТАМИН Д?

Повозрасните. Многу често повозрасните луѓе не се изложуваат доволно на сонце, затоа кај нив се создава помалку витамин, кој треба да го надокнадуваат со користење на додатоци во исхраната.

Луѓето со поголема телесна тежина. Масното ткиво на луѓето од оваа група зема и складира повеќе витамин Д и како резултат на тоа се намалува количеството на витамин Д во крвта.

Луѓето со темен тен на кожата. Кога луѓето со потемен тен на кожата се изложуваат на сонце, кај нив се создава помалку витамин Д, затоа што нивната кожа апсорбира помалку UV зраци.

Доилки и трудници. Жените од оваа група треба да консумираат дополнително витамин Д, особено ако имаат темен тен или ако не се изложуваат доволно на сонце. Истражувањата покажуваат дека количеството витамин Д кое што го имаат мајките во текот на последните три месеци од бременоста, директно влијае врз здравјето на коските на бебето.

ИЗВОРИ НА ВИТАМИН Д

Сонцето навистина е најважен извор на витамин Д, но сите знаеме колку е штетно изложувањето на сонце. Затоа, подобро е да внесувате витамин Д преку исхраната или со консумирање на додатоци богати со витамин Д.

Витаминот Д најмногу е застапен во месото од риба, рибиното масло и жолчката од јајцето. Но, има и некои продукти во кои производителите по вештачки пат додаваат витамин Д. Такви продукти се: корнфлексите, кравјото млеко, сирењето и маргаринот. Сепак, производителите не се задолжени да го прават тоа, па затоа ако сакате да купите продукт богат со витамин Д, побарајте информација за составот на продуктот на неговата етикета.

To top