Младите девојки ги прескокнуваат оброците и значајно го намалуваат внесот на калории со цел да направат место за калории од алкохолните пијалоци.
Ваквото однесување колоквијално се нарекува “пијанорексија”, меѓутоа таа појава сè уште не е призната како пореметување во исхраната, која е многу слична на типичната анорексија.
Иако пијанорексијата се појавува и кај мажите и кај жените, сепак оваа појава преовладува кај младите жени. Една студија открива дека речиси 60 отсто од студентките покажуваат елементи на пијанорексија.
“Знаев да прескокнувам оброци за да можам да пијам за време на излегувањата”, објаснува 23-годишната Лили, која е сега личен тренер. “Тоа е честа појава. Многу мои клиенти ме прашуваат дали треба да ја прескокнат вечерата со оглед на тоа што планираат да пијат алкохол”.
Блогерката Ели Мекинел вели дека пијанорексијата е нуспроизвод од притисокот со кој се носат младите девојки по прашањето за консумирање на алкохол и одржување на витката линија. “Доколку излегувате на вечера, пијалок во паб или целовечерно излегување, од вас се очекува да пиете нешто”, изјавила таа за “The Independent”.
“Сите алкохолни пијалоци се полни со празни калории, а од нас девојките се очекува да бидеме слаби”, вели Мекинел. “Јас и другите девојки кои ги познавам пиеме онолку чашки вотка колку што е потребно за да се опиеме. Меѓутоа, додека пиеме, ги броиме калориите – тоа значи дека нема вино и коктели”.
Пијанорексијата не е официјално признаено пореметување, но сè уште не се познати сите симптоми на ова пореметување. Експертите сметаат дека оние кои патат од пијанорексија, во текот на пиењето внесуваат празни калории преку алкохолот кои потоа ги чистат од организмот со изгладнување.
Консумирањето на алкохол на празен желудник е инаку лоша идеја бидејќи може да доведе до труење со алкохол. Ваквото однесување може да доведе до болести на срцето и црниот дроб.
Освен тоа, намалувањето на внесот на храна во корист на алкохолот може да доведе до опаѓање на концентрацијата на витамини и минерали во организмот бидејќи алкохолот нема никаква нутритивна вредност.
извор:точка.мк