Живот и Стил

Здрав тренд кој треба да го пробате: Ладно цедено кафе

Здрав тренд кој треба да го пробате: Ладно цедено кафе

Ладен кофеински напиток кој ќе ве освежи во овие жешки летни денови звучи како одлична идеја, но ова кафе не е наменето само за во лето.

Ако сте љубител на кафе и сакате сѐ во врска со него – аромата, вкусот, енергијата – тогаш сигурно ќе го обожавате ладно цеденото кафе. Како обожавател на кафе, можам да потврдам дека овој начин на подготвување на кафето ми го редефинираше ритуалот и задоволството на правењето и пиењето кафе.

Ладно цеденото кафе (cold brew coffee) е тренд што зема замав во последно време, но е многу повеќе од минлив каприц на социјалните мрежи. Вака приготвеното кафе е поздраво и плус ќе ви заштеди многу време наутро. Сигурна сум дека ова ќе стане вашиот нов омилен начин на кој подготвувате кафе.

Процесот е многу едноставен: мелено кафе се прелева со ладна вода и се остава да отстои најмалку 12 часа на темно и ладно место, најдобро во фрижидер.

Потоа се процедува и се добива концентрат кој потоа треба да се раствори со вода. Може да додавате млеко, шеќер, карамел и други додатоци што го прават вашето кафе ваше посебно уживање.

Кафето добиено со оваа техника на ладно цедење има далеку помала киселост од кафето што се прави со жешка вода и има природно посладок и помек вкус.

Нема разлика во калориската вредност во споредба со другите кафиња, но бидејќи има помала киселост и е послатко, нема да имате потреба да додавате засладувачи, што значително ќе го намали бројот на калории што обично го внесувате со засладено кафе.

Погледнете ги овие три начини како се подготвува ладно цедено кафе и изберете го оној што најмногу ви одговара на вашите услови и потреби. Подготвениот концентрат може да го чувате во фрижидер 7 до 10 дена.

Ако сте како мене и сакате да го искористите максимумот од намирниците и производите, со што штедите енергија, создавате помалку отпад и помалку купувате производи спакувани во пластика, талогот филтрирано кафе добро исцедете го низ парче памучен материјал и може да го искористите за правење домашни производи за нега на кожата, како скраб или пилинг. Како да ги направите овие средства за нега, видете ТУКА и ТУКА.

извор: Кајгана