Лице в Лице

Викторија Лоба музички стигна „Над небото“, но во едно е сигурна: „Ѕвездената болест не е за мене“

Викторија Лоба музички стигна „Над небото“, но во едно е сигурна: „Ѕвездената болест не е за мене“

Feel It на англиски и „Над небото“ на македонски јазик се новите песни во  deep house стил кои Викторија Лоба на својот Јутјуб канал ги промовираше со видео записи. Автори на композициите се македонските продуценти Марга Сол и Darles Flow, а Лоба го креираше текстот за македонската верзија.

Песната официјално е издадена од M-Sol records на Spotify, iTunes, Beatport и останати музички мрежи, а Лоба вели дека и претставува задоволство соработката со двајцата еминентни музички продуценти, особено тоа што публиката ќе слушне различни синглови со светски звук.

Комплетниот музички пакет е финализиран со видео приказна изработена од Дарко Митев, а стилизирана од креаторот Папаз, со дејствие на островот Санторини.

За островот кој ја освои, посветеноста на музиката, албумите во најава, но и приватноста, Викторија Лоба зборува во ексклузивното интервју за Вистина.мк.

Првиот пат кога бев на Санторини, тој остров ме освои, дефинитивно има своја магија и сакав да направам видео запис. Имавме неколку дена снимање со целата екипа, огромна благодарност до сите кои беа дел од патувањето.

Задоволна ли си од нивото кое го достигна досега на македонската музичка сцена и уште колку скалила има за искачување?

 Јас сум задоволна од себе си зошто знам дека секогаш сум останала посветена на музиката, меѓутоа не сум во никаква трка за ништо и со никој. Сакам да создавам нов звук, сакам да се надоградувам . Важно ми е да создавам квалитетна музика и тоа е мојата мисија.

Иако не работиш со менаџери и продукциски куќи, успеваш сама да постигнеш доста во кариерата. Колку е тешко тоа за една млада девојка како тебе?

Токму затоа студирав  менаџмент на Бизнис Академијата Смилевски каде научив многу алатки како да управувам со својата кариера и како ги постигнувам поставените цели.  Сепак, иако јас одлучувам за сите важни работи покрај мене стои тим од луѓе од  „Puzzle Connection“ кои ми помагаат со ПР и организација.

Дури и во не така добри времиња за македонската музика и изведувачи, остана перманентна – се исплати ли трудот?

Како што кажав, јас го работам тоа што најдобро го знам и кога создаваш музика од срце тука не треба да се запрашуваш  дали е тешко  или поволно време за да твориш.  Едноставно музиката е мојот живот и јас комплетно и се посветив.

До каде е предизвикот за албум, кои се кочниците?

Нема никакви кочници, материјалот е веќе готов и за околу месец од сега ќе го објавам.  Албумот е со работен наслов „Нов Свет“ и ќе излезе на македонски и англиски јазик, всушност ќе издадеме паралелно два албума . На сите љубители на македонската музика како што ветив, во ек се последните подготовки исполети  со многу емоции, љубов и енергија. А во меѓувреме подготвуваме нов видео запис за исто така одлична песна од албумот која сигурно нема да ве остави рамнодушни.

Македонските изведувачи како по некоја матрица почнаа да купуваат песни само од неколку домашни композитори. Снема добри музички автори или тешко се дава шанса на нов?

Верувам дека колегите бараат квалитет во продукцијата и поради тоа работат со веќе проверени продуценти од нашата мк естрада.  Јас сакам да работам со секој композитор и продуцент  кој ќе ми понуди квалитетна музика која ке одговара на мојот темперамент. Моментално со Марга Сол ни се поклопија енергиите и без никаков притисок создадовме неколку композиции со ултра модерен звук кои можат да се слушаат секаде во светот не само во нашата држава.

Изминатиот период  склучи и реализираше договори со неколку брендови, од автомобилски, козметички, спортски… Пораснаа ли со тоа твоите „акции“ и реноме?

Порасна одговорноста кон мојата работа и моите соработници, јас сум професионалец и секогаш сум достапна за комуникација. Ѕвездената болест не е за мене, сакам скромни луѓе и истата особина ја негувам во себе си, тоа можат да го потврдат моите пријатели.  Но, не дозволувам да имам комуникација со непрофесионалци кои можат да го загрозат мојот музички интегритет.

Направи фотосесија за една македонска модна етикета во долна облека. Си добила ли досега понуда да се фотографираш гола и постои ли цена за која би го направила тоа?

Не сум добила таква понуда и секако доколку би добила не би ја прифатила истата. Во фокусот на мојата работа сакам да остане музиката и други проекти кои ќе допринесат за доброто на луѓето. Секако се судирам со стереотипи во нашето општество, но тие луѓе ги оставам сами со своите размислувања можеби еден ден ќе се разбудат по свесни за нештата.

Која е Лоба зад затворени врати што не ја познаваме?

Лоба е истата и во јавност и приватно, не мислам дека има разлика. Имам свои маани и доблести, знам да бидам многу нетрпелива и тоа е нешто на кое моментално работам за да го променам.

Досега се појавија доста шпекулации за твојата мажачка. До каде е Лоба на тоа прашање и дали веќе се размислуваш за брак и мајчинство?

Мене повеќе ме интересира зошто одредени медиуми сакаат да прашуваат и шпекулираат за бракови, деца  и други нешта кои се интимни за артистите наместо во фокус да ја ставаат музиката и пораката која артистите ја пренесуваат. Секако дека и јас ќе се мажам и верувам  дека ќе бидам благословена да имам многу деца здрави и среќни и кога тоа ќе се случи јавноста ќе дознае.

 

To top