Македонскиот водител, пејач, музичар и композитор Драган Вучиќ почина пред две недели поради компликации од коронавирусот.
Веста за смртта на Драган го изненади неговото семејство, неговите пријатели, колеги, но и љубителите на неговата работа.
Како што пишуваа медиумите, Вучиќ бил примен на инфективната клиника во Скопје, а по влошувањето на здравствената состојба тој ја изгуби битката со вирусот.
Сопругата на Драган, Весна Вучиќ сега првпат се огласи и за фокус.мк раскажа што се случило со неговиот сопруг.
„Кога температурата започна да надминува над 38,5 степени, тој беше префрлен на Инфективната клиника во Скопје. Во меѓувреме, и јас се тестирав, иако немав симптоми. И мојот тест се покажа позитивен на вирусот. Ја започнавме нашата битка со новиот и недоволно познат непријател, со вирус кој е доста сериозен и не смее да се потценува неговата моќ. Драган добиваше кислородна поддршка на клиниката, јас престојував дома, се слушавме телефонски, си разменувавме пораки. По една недела на клиника, тој ја изгуби битката, почина од компликации од вирусот. Не можам да зборувам за нашиот последен разговор, за последната СМС порака… Премногу е болно за мене, и јасно ми е дека по првичниот шок, тагата и празнината нема да стивнат. Сепак, сакам од се срце да се заблагодарам на целиот медицински тим, на таа неверојатна посветеност и грижа која што му беше пружена на мојот сопруг во тој период. Лавовски, буквално гинеа за доброто на пациентите, правеа се што е во нивна можност. Болеста излезе посилна од лекарските напори, Драган ни се излизга помеѓу прстите – вели Весна за фокус.мк
Весна раскажува поради тоа што и таа била позитивна на корона не можела да присуствува на погребот на Драган, но во тој момент нејзините другарки и пријателки дошле под прозорецот од нејзиниот дом за да и дадат поддршка.
Сопругата на водителот вели дека по погребот се влошила нејзината здравствена состојба и дека била примена во болница.
„Истиот ден, неколку часа по погребот, мојата состојба се влоши, ми се појавија проблеми со дишењето. Бев префрлена на клиника, каде лекарите и целиот медицински персонал ми ја даде потребната нега, но и поддршка која ми беше потребна во тој период. Останав на клиниката седум дена, состојбата ми се подобри значително откако добив плазма од пациент излекуван од Ковид 19, и по два негативни теста бев пуштена дома. Пропишана ми беше 14 – дневна изолација, и сум во добра здравствена состојба. Физички добро, но емотивно скршено“ вели Весна за фокус.мк
Таа вели дека не знае како се заразил Драган бидејќи цело време ги почитувал мерките, носел маска и ракавици, а одел само до маркет и пазар.
„Дури и во зима, поради загадувањето на воздухот, Драган не излегуваше од дома без заштитна маска. Сега, кога започна пандемијата, тој за до маркет носеше ист пар чевли кои ги оставаше надвор, ракавиците ги фрлаше во корпата пред врата. Беше исклучително внимателен, одеше на пешачење, избегнуваше места каде има повеќе народ. Но ете, така требало да биде… “ додава Весна.
Таа исто така се заблагодари на сите за пораките за поддршка и сочувство, исто така им се заблагодари на колегите на Драган кои во време не изолација снимија пораки, видео клипови и му одадоа почит на Вучиќ.
Целото интервју може да го прочитате тука.