Вечерва, во салата на МТС беше организиран концертот на Калиопи, а непосредно пред почетокот на концертот на една жена од публиката и се слошило и за жал починала, а како што дознаваат српските медиуми, пејачката решила да го откаже концертот.
На жената на возраст од околу 70 години, која на концертот пристигнала со пријателки и ќерката од Македонија, наеднаш и се слошило, изгубила свест и колабирала, поради што веднаш била повикана брза помош. Била реанимирана на самото место, но за жал, обидите на лекарите да ја вратат во живот завршиле безуспешно.
Калиопи е очајна и во солзи, бидејќи наводно ја познавала жената и цело време останала покрај нејзината ќерка и нејзините пријатели, а концертот е откажан и салата е целосно испразнета, пренесуваат српските медиуми.
Полицијата бргу пристигнала на лице место и извршила увид, по што македонската пејачка била повикана во полициска станица за да даде изјава.
По немилиот настан се огласија со свое официјално соопштение и организаторите на концертот на Калиопи, кој требаше да се одржи во салата на МТС, во кое се вели:
„Поради непредвидени околности концертот на Калиопи закажан за вечерва се одложува, а новиот датум на концертот ќе биде објавен подоцна. Сите купени влезници за вечерашниот концерт ќе важат и за новиот термин. Подетални информации во најкраток можен рок ќе бидат објавени во соопштение за медиумите кое ќе биде достапно и на веб-страницата на салата МТС, како и на социјалните мрежи. Ви благодариме на разбирањето.