Пилешките ќофтиња направени од филети, презла, јајца, пармезан и уште неколку состојки се всушност она што му дава посебен вкус на ова јадење.
Наместо само да зготвите тестенини и да ги послужите со вообичаениот сос, ви предлагаме да ги направите и овие пилешки ќофтиња, кои никого нема да остават рамнодушен.
Состојки:
400 гр тестенини по избор
500 мл сос од домати
750 гр пилешко филе
шолја презла
половина чаша пармезан
две чешниња лук
маслиново масло
поголемо јајце
две лажици млеко
босилек, оригано
сол, бибер
Подготовка:
Сварете ги тестенините во посолена зовриена вода, според упатството на пакувањето.
Пилешкото филе сомелете го, ставете го во сад, па додадете ги презлата, јајцето, пармезанот, издробениот лук, млекото, солта, биберот, ориганото и босилекот.
Сè убаво измешајте, па од добиената смеса формирајте ќофтиња.
Во тава загрејте го маслиновото масло и пропржете ги ќофтињата додека не поруменат од сите страни. Додадете го сосот од домати, динстајте пет минути и измешајте ги исцедените тестенини. Сè добро измешајте, па веднаш послужете.
извор:курир.мк