Радио Милева горди и сплотени

Тамара доби голема и горда поддршка од нашите јавни личности: „Напред сестро, одржи им час“! (ФОТО)

Тамара доби голема и горда поддршка од нашите јавни личности: „Напред сестро, одржи им час“! (ФОТО)

Денес е денот „Д“… Или поточно вечерва. Второ евровизиско полуфинале и во него нашиот настап, на Тамара. Нацијата го очекува како да е „мундијалско финале“, на светско фудбалско првенство. Веројатно во скоро време тешко би дотуркале доттаму на еден „Мундијал“, ама на „Евровизија“, сите велат дека „сега му е мајката“ и тоа не само за влез во финале, туку и за резултат за паметење. Можеби… Ама прво треба да се влезе во финале. За тој подвиг ги имаме сите предиспозиции. Топ песна, врвен вокал, одличен изглед, уште подобра интерпретација, костим, сцена… Уште поените на соседите, ама и на сите други ни недостасуваат.

Затоа македонската делегација во Тел Авив заедно сосе нашата претставничка и тимот од и зад сцената, се здаде во акција, па ги повика сите луѓе од Европа со добра волја и уште подобар слух и чувство за добра песна, да гласаат за нас, нашата Тамара и нашата „Горда“ песна!

Но, годинава се случува и еден друг, „домашен феномен“ кој се чини претходниве години или воопшто го немало или не бил толку изразен.

Едноставно, годинава Тамара доби  силна и горда поддршка од нашите јавни личности. Естрадата се сплоти како никогаш досега, па голем дел од јавните фаци со збор, порака, слика, желба… и испратија „добри вибрации“ на нашата пејачка пред полуфиналниот настап. Нејзе, ама и на Европа „гордо“ да го даде гласот за неа, за нас и нашата песна.

Нашата музичка дива Калиопи, која во два наврати ја претставуваше Македонија на Евросонг, меѓу првите и посака среќа на Тамара…

Уште една двократна учесничка на Евровизија, македонското девојче Каролина и посака среќа на Тамара, искажувајќи и љубов. Пријателска, колегијална, национална… од се’ срце, дури од далечната Америка, каде што во моментов престојува!

Македонскиот топ модел и манекенка катарина Ивановска не само што и посака среќа, туку како што вети, замина дури во Израел за „да и стиска палци“ на својата другарка Тамара…

Најпознатиот македонски мејкап артист Александар Билјановски – Дадар, кој безброј пати бил човекот кој ја разубавувал Тамара, исто така не пропушти да ја повика Европа да гласа за неа и нејзината песна.

Младата македонска пејачка, Лина Пејовска, исто така и испрати поддршка на својата повозрасна и поискусна естрадна колешка. Па еден ден, кој да знае… Можеби ќе се најде на нејзиното место?

Популрниот Панчо од дуото “ДНК“ или ДЈ Шорти, како сакате, на својата пријателка Тамара не само што и посака среќа на евровизиската сцена, туку и на сите познати и непознати ширум Европа им се обрати со лична молба да гласаат за неа.

Една е сестра, особено ако е сестра како Тијана… Таа ја доби најодговорната задача во евровизискиот проект – дома да ја чува постарата ќерка на дада Тамара, малата Хана, додека трае нејзиниот престој во Тел Авив.

Бидејќи и самата добро знае што значи да застанеш на евровизиската сцена, ама уште подобро знае и со какви вокални квалитети располага „помалата“, Тијана со едноставна порака гордо и посака успех и финале: „Напред сесто, одржи им час“! – напиша Тијана!

Една од највпечатливите, разбирливо беше Весна Бејби Петрушевска. Во мајчински манир, таа и напиша порака која Тамара долго ќе ја памети и препознава… Особено ако успехот ја стигне и Тамара и Македонија и сите нас.

„Има многу работи кои сум и ги кажала на малата Тамара, таа секогаш ќе биде за мене малечка и ранлива. Од мало девојченце… знам дека и значи секој миг поминат на сцена и го живее тоа. Знам дека ќе растури оти е моќен и силен вокал. Тоа малечко девојченце има добиено многу битки, многу солзи но и неверојатна желба да биде најдобра. Биди горда на секоја лузна која ќе остави белег во твоето срце, секоја има порака која ја препознаваш. Сигурна сум. Со тебе сум постојано и те мислам“! – и порача Бејби.

Можеби навистина е време, за евровизиски резултат за паматење!

 

 

To top