Една неодамнешна студија објавена во списанието Nutrients сугерира дека ако сакате да спречите зголемување на телесната тежина, можеби ќе треба да размислите колку е паметно да ја прескокнете вечерата.
Истражувачите во Јапонија ги разгледале податоците за времето на оброците за над 25.000 студенти, проценувајќи ги ефектите од прескокнувањето оброци.
Во временска рамка од три години, тие откриле дека прескокнувањето на вечерата е најголемиот предиктор за зголемување на телесната тежина и подоцна развој на дебелина – но прескокнувањето на појадок или ручек не ги покажува тие асоцијации. И за мажите и за жените, прескокнувањето на вечерата резултираше со зголемување на телесната тежина од најмалку 10 проценти, пишува Eat This Not That.
– Многу студии покажаа поврзаност помеѓу ниската фреквенција на јадење, што значи прескокнување оброци и прекумерната тежина, вели коавторот на студијата, д-р Тошики Моријама, професор на Универзитетот во Осака.
Тој додава дека „оваа асоцијација е опширно проучувана за појадок, но не често за ручек или вечера“.
Она што е важно овде е дека избегнувањето на последниот оброк во денот навистина има ефект врз телесната тежина.
Една можна причина, вели тој, може да биде тоа што ако не вечерате, поголема е веројатноста да ги зголемите калориите следниот ден. Исто така, може да постои силна врска помеѓу квалитетот на јадењето и прескокнувањето на вечерата, асоцијација што исто така ја истакнаа претходните истражувања.
На пример, една студија објавена во The Journal of Nutrition која проценува како квалитетот на исхраната влијае на кардиоваскуларните болести, ракот и очекуваниот животен век, покажа дека луѓето кои ја прескокнуваат вечерата имаат тенденција да јадат помалку здрави оброци со текот на времето и имаат особено мала потрошувачка на растителни протеини.
Сепак, тоа не значи дека другите оброци не се важни, додава д-р Моријама.
Нивната студија можеби не покажала дека прескокнувањето на појадокот доведува до зголемување на телесната тежина, но тој вели дека претходните студии ги нашле тие заклучоци. Тој истакнува дека, бидејќи неодамнешното истражување е спроведено на студенти кои имаат тенденција да спијат помалку од постарите луѓе, тоа може да влијае на ефектите од појадокот.
Општо земено, се чини дека најдобриот пристап за спречување на зголемување на телесната тежина е да ги распределите вашите калории во текот на денот.
– Едноставно кажано, зачестеноста на вечерата може да биде критичен фактор на животниот стил за спречување на дебелината, исто како и појадокот, вели д-р Моријама.