Мегафон

„Стакло“ (The Bottleman) – емотивен филм посветен на починатиот музичар Зоран Маџиров

„Стакло“ (The Bottleman) – емотивен филм посветен на починатиот музичар Зоран Маџиров

Во рамките на програмата на филмскиот фестивал “Синедејс” во МКЦ, своја македонска премиера имаше краткометражниот филм “Стакло” на Нина Маџиров која ова емотивно парче уметност го посвети на нејзинот татко, Зоран Маџиров, како потсетување дека неговата големина и како уметник и како човек, заслужуваат свое постојано место во колективната свест на нашето општество.

“Сите наопаку – јас терсене”, прочитав на една од многуте страници од весници и магазини од целиот свет, што пишувале за подвигот на нашиот маестро, а беа дел од малата, но и тоа како значајна изложба што ѝ претходеше на проекцијата. А насловот што најмногу ми го привлече вниманието, можеби и најдобро го опишува во неговата уникатност, посебност, единственост…

Во амбиент во кој емоциите се испреплетуваа меѓу публиката, неговото потесно семејство, негови блиски пријатели, но и луѓе кои можеби никогаш не го запознале, а до нив допрела неговата генијалност, ја проследивме македонската премиера на филмот кој е толку личен, сентиментален, горчлив, а истовремено моќен, продорен и безвременски токму како и неговите лик и дело.

Приказната на “Стакло” е всушност интимна исповед за големата болка со која Нина се соочи по неговата смрт, но истовремено останувајќи свесна за должноста што тој и ја остави – со својата уметност да создава поубав свет. Филмот го доби наклонот и на светската стручна јавност, за што потврда се и бројните освоени филмски награди на повеќе реномирани филмски фестивали.

Проекцијата, филмската вечер посветена на маестро Маџиров, ја заокружи музичкиот перформанс на нашиот млад, но перспективен бенд “Contact59”, чиј член е и Љубен, синот на Зоран Маџиров, кој во чест на својот татко свиреше на стаклени шишиња, односно како што рече и самиот, на инструментот на неговиот татко.

To top