Јаболкото е вистинска ризница на витамини, минерали, овошни шеќери и многу други состојки кои му се неопходни на нашиот организам. А со оглед на тоа дека е максимално распространето на нашите простори, треба максимално да го искористиме и во нашата исхрана, но и во третманите за разубавување. Па затоа еве неколку рецепти за нега на лицето…
Лосион за масна кожа и кожа со акни
Помешајте 100 грама кора од кисело јаболко, 200 грама изрендано кисело јаболко, 100 грама шеќер и еден литар вода. Измешајте ги добро сите состојки, а потоа смесата ставете ја во тегла или шише, добро затворете ја и држете ја на сонце седум дена. Потоа исцедете и додајте 100 грама лозова ракија и така добиената смеса чувајте ја во фрижидерот. Со овој лосион чистете ја масната кожа или кожата со акни три пати дневно.
Маска за масна кожа
Премачкајте ја масната кожа или кожата со акни со срцевината од јаболкото, но внимавајте да не ги намачкате и очите. Потоа оставете ја кожата малку да се исуши и подгответе маска од испечено јаболко, една лажица мед, три лажици од претходно споменатиот лосион и една лажичка пченкарно брашно. Со помош на лосионот регулирајте ја густината на маската и истата нанесете ја на кожата директно или преку газа. Маката ќе биде поделотворна доколку ја нанесете додека е топла и ја покриете со фолија. Држете ја на лицето околу половина час и потоа измијте го лицето најпрвин со млака, а потоа и со студена вода, па намачкајте го со соодветна крема.
Маска за сува кожа
Пирето од печено јаболко помешајте го со слатка павлака, една лажичка мед и една жолчка. Измешајте ги сите состојки добро за да добиете глатка смеса. Потоа на чисто лице втријте малку сок од јаболко и оставете го да се исуши. Топлата маска нанесете ја на лицето, вратот и деколтето, а можете да ја нанесете и на рацете. За поголема делотвроност, откако ќе ја нанесете, покријте ја маската со фолија која ќе ја држи топла. После половина час извадете ја маската и измијте го лицето со млака, а потоа и со студена вода и намачкајте го со хидрантна крема. Ако оваа маска ја нанесувате два пати неделно, вашата кожа ќе изгледа свежо и младо.
Маска за кожа со црвенило
Изрендајте една голема јаболка и варете ја во 150 милилитри млеко. Кога ќе добиете густа смеса, оставете малку да се олади, па додајте една жолчка. Оваа маска подготвувајте ја и нанесувајте ја секојдневно, сé додека црвенилото не се повлече. Држете ја на лицето околу половина час, а потоа измијте ја со млака вода. Кога ќе ја нанесувате оваа маска внимавајте истата да има приближна температура како и температурата на телото, за да избегнете засилена циркулација.