Летото е одлично за да поминувате време надвор – пливање, кампување, уживање на плажа… И иако изгледа дека есента само што не дошла, сè уште нè очекуваат навистина топли денови. Поминувањето време на сонце може да биде забавно, но топлото време може да предизвика топлотен удар, состојба која понекогаш е смртоносна. Кога температурите се над 32 степени, а влажноста над 60%, потребно е да преземете неколку мерки за да го избегнете топлотниот удар. Избегнувајте да излегувате во најтоплиот дел од денот (најчесто од 12 до 16 часот), носете широка облека со светла боја и шапка и пијте многу течности. И се разбира, обрнете внимание на следниве симптоми.
Главоболка
По долг ден на сонце можно е да почувствувате главоболка. Пиењето многу течности без кофеин и алкохол може да ви помогне да ги спречите болестите поврзани со топлината.
Вртоглавица
Вртоглавицата е чест симптом за топлотен удар. Престанете со секоја активност и преместете се на постудено место ако чувствувате вртоглавица. Ако не можете да најдете постудено место, најдобро е да седнете и да одморите под сенка. Соблечете го вишокот облека и обидете се да се разладите на кој било начин.
Претерано или премалку потење
Потењето е систем за разладување на телото. Ако имате топлотен удар, вашата кожа ќе биде топла и сува. Но ако топлотниот удар е резултат од претерано вежбање, кожата може да биде или сува или малку влажна. Секогаш носете широка облека кога вежбате надвор на топло време. Ако се потите премногу или воопшто не се потите и покрај тоа што ви е топло, застанете под сенка и пијте течности.
Црвена кожа
Ако вашата кожа стане црвена и топла, телото се обидува да се излади со тоа што ја насочува крвта кон кожата. Најдобро е да направите студена купка или да отидете на ургентно ако состојбата не се нормализира по еден час.
Брзо чукање на срцето
Брзото чукање на срцето е уште еден знак дека вашето тело пумпа екстра крв за да ја излади кожата.
Брзо, плитко дишење
Плиткото и брзо дишење може да биде знак за топлотен удар. Ризикот за топлотен удар се зголемува ако земате одредени лекови или страдате од некоја хронична болест. Консултирајте се со вашиот лекар за мерките што треба да ги преземете.
Збунетост и дезориентација
Секоја промена на менталното однесување може да биде знак за топлотен удар. Ако некој се сочува со збунетост, направете што било за да го разладите.
Попречен говор
Попречениот говор е уште еден симптом на кој треба да обрнете внимание. Ако вие или некој не може правилно да ги изговара зборовите, тоа е лош знак. Веднаш повикајте брза помош.
Иритација
Луѓето со топлотен удар се раздразливи. Ако некој изгледа необично гневно по неко време на сонце, обидете се да го разладите. Отстранете го вишокот облека, вклучувајќи ги чевлите и чорапите.
Висока температура
Главниот симптом за топлотен удар е телесна температура над 40 степени. Ако се сомневате дека некој има топлотен удар, дури и да нема други симптоми проверете му ја температурата.
Тешкотии при одење
Тешкотиите при одењето се уште еден знак дека е време да го разладите телото. Преместете се во просторија изладена со клима доколу имате можност.
Гадење и повраќање
Ако ви се гади или повраќате додека сте надвор на топло време, можно е да имате топлотен удар. Обидете се да не излегувате во најтоплиот и највлажниот период од денот.
Намалени зеници
Намалените зеници се сериозен знак за топлотен удар. Ако забележите кој било со оваа состојба, веднаш повикајте брза помош.
Губење свест
Најекстремниот симптом на топлотниот удар е губење на свеста. Повикајте брза помош, а потоа нанесете ладни облоги на вратот и главата на личноста. Обидете се да му ја држите главата подигната додека да дојдат медицинските лица.
Жртвите на топлотен удар често не сфаќаат што им се случува додека не дојде време за медицинска помош. Внимавајте на себе и на оние околу вас кога времето е топло. Топлотниот удар е лесно да го избегнете ако пиете многу течности и избегнувате физичка активност на екстремни температури. Уживајте во топлото време, но бидете внимателни!
извор:попара.мк