Радио Милева семејна хармонија

Перо – „Камиказа“ има вистинско семејно богатство: Три генерации на едно место, повеќе од причина за славје и еден тон радост (ФОТО)

Перо – „Камиказа“  има вистинско семејно богатство: Три генерации на едно место, повеќе од причина за славје и еден тон радост (ФОТО)

Петар Георгиевски – Камиказа, жива легенда… во секој поглед. Од урбана скопска фаца, актерски лик, дел од македонската музичка историја, а последниве години и од спортската, поточно  маратноската атлетска фела.

Од времето кога го добил прекарот, преку „Трст виа Скопје“, продукцијата на МРТ и театарот на легендарниот Љубиша Ристиќ во Суботица, рок ен рол сцената и „Меморија“, „КЛС“ и ивент индустријата, па се’ до тркачките маратони… Сегде битен човек, важeн штраф, замаец, движечка оска што ги задвижува нештата, кои резултираат со остварувања и резултати.

Професионално, но и приватно, како посветен сопруг на неговата животна сопатничка, актерката Даница Георгиевска, среќен татко на две веќе возрасни деца – Христна и Христијан, однеодамна и свекор, белким наскоро, дај Боже и дедо Перо…

Но, сите тие професионални достигнувања и остварувања, сета таа семејна хармонија не ќе беше можна и остварлива, да не биле неговите родители, кои и денес се „старите“ или поточно, основните столбови на семејството Георгиевски.  Семејно богатство, со кое ретко кој може да се пофали дека се’ уште го има.

Чичко Ристо, таткото на Перо славеше роденден, 93-тиот… Повеќе од повод и добра причина, три генерации на семејството да се соберат на едно место… За славје на „денот што го чекаме цела година“  на некогашниот просветен работник и долгогодишен директор на едно скопско основно училиште и за еден тон радост на целото семејство, кое се собра за да му го честита роденденот.

Сопругата Христина, со која се близу 70 години заедно, ќерката Мира, синот Перо со снаата Даница, внукот Христијан со сопругата… Недостасуваше само „оправдано отсутната“ внука  Христина.

„Богатство…
Денес, татко ми наполни 93 години, а со мајка ми се близу 70 заедно. Исклучително горд на тоа што на скоро 60 години,  се’ уште сум дете за тато и и мама. Во услови на пандемија, само скромен семеен албум, малку пита, торта и радост еден тон. Да даде  Господ уште долго време да се радуваме на нивната љубов. 

И да, за историја не ми требаат разно-разни комисии. Имам жива македонска енциклопедија со бистар ум како на момче“ – напиша Перо во славеничкиот статус на својот Фејсбук профил покрај споделените семејни фотографии  на трите генерации од нивното семејство на прославата на татковиот роденден…

…Со пита, торта, еден тон радост и безброј сеќавања и убави спомени на годините… Дај Боже, нека се множат!

To top