Познатиот битолски пост-панк рок бенд „Паркети“ го промовираа новиот инструментален „шпагети вестерн мјузик“ сингл „Tarantino Spaghetti“ кој ќе биде дел и од новиот албум кој ќе се промовира наскоро.
Песната е целосен производ на фронтменот Сашо Паркет.
„Благодарност до Пет Бун за воведот, продавницата за оружје „Дијана“, Кумбхата од Солза и Смеа, Коста Дупчинов од Концепт продукција, Лина од Театаро, Петар Бибовски, Денис Бајрамов, Кети Талевска, Марјан Младеновски и сите членови на ‘Паркети’ досега.. и на Господ, кој сè уште ни дава ентузијазам за ова што го правиме…
Аудиото е снимено и миксано во ‘Фуш рекордс’ од Сашо Паркет мастерингот е на Оги – Форестделик рекордс, а видеото камера и монтажа на спотот на Сашо Паркет“ – напишале во описот на песната и видеото членовите на бендот.
Инаку, „Паркети“ се формирани во 1991 година, една деценија по првиот бран на панк музиката. Првата постава ја сочинуваа Сашо Паркет, Славе Паркет и Себастијан Паркет. Познати се по своите жестоки настапи во живо, имиџот, изгледот и необичната „аланфордовска“ смисла за хумор во текстовите на своите песни.