Секоја година, институтот за боја “Pantone” кон средината на декември објавува назив на боја која ќе ја одбележи идната година.
Своите предвидувања, експертите од институтот ги темелат на новите модни трендови, новите технологии и разните социоекономски услови. Така, 2018 година беше “обоена” во виолетова боја, и тоа во нијансата “Ultra Violet 18-3838”, а 2017 година ја одбележа зелената нијанса “Greenery 15-0343”.
Според најавата на “Pantone”, 2019 година ќе биде “обоена” во коралната боја. Нијансата “Living Coral 16-1546” ја опишуваат како “друштвена, нежна боја која е полна со дух” и наведуваат дека таа е симбол на внатрешната човечка потреба за оптимизам.
“Бојата е леќа низ која ја доживуваме својата природна и дигитална реалност. Со оглед на тоа што потрошувачите бараат човечка интеракција и социјална поврзаност, охрабрувачките квалитети на оваа нијанса го нудат тоа”, вели Леатрис Ајсман, извршна директорка на “Pantone”.
Нијансите кои институтот ги одобрува, автоматски стануваат хит во уредувањето на ентериерот, па затоа нема сомнеж дека коралната боја ќе се најде во многу домови следната година. Доколку и вие сакате да ја вклопите во вашиот животен простор, но не знаете како, побарајте ја инспирацијата во фотографиите во продолжение.