Ништо лично

Ова лето ќе се памти: Свадбен валцер или венчаница во контејнер?

Ова лето ќе се памти: Свадбен валцер или венчаница во контејнер?

Бракот, едни велат дека е божја работа. Други на него гледаат како на „работа на договор“, трети во него влегуваат поради „страв од самотија“ во староста, четврти „од интерес“, петти заради „продолжување на врстата“… И сите изгледа се во право! Додека се’… Додека еден ден едниот не рече: Доста е! Или не направи нешто што што ќе го натера другиот да го каже истото. Та биле во прашање обични луѓе или познати, јавни ликови, популарни фаци, естрадни ѕвезди или спортски идоли…  Во бракот за сите подеднаквот важат истите правила… Оноа златното, велат се нарекува – компромис! Се’ останато води кон незадоволство… на едната или другата страна!

Некои од браковите завршуваат уште и пред да почнат. Крајот им се гледа уште пред да се озваничи почетокот. Затоа подобро е воопшто и да не се случат… За потоа да не им се случи да завршат, штотоку почнати… и со многу потешки последици, отколку што се оние, предбрачните!

Годинава, особено ова лето ќе се памти токму по дузината склучени естрадни бракови, или поточно по влегувањето на македонските естрадни ѕвезди во брак со исто толку познати, непознати или тотални анонимуси. Среќен, веројатно. Или барем се надеваме дека ќе им биде таков!

Пејачките: Симона Поповска, Сара Мејс со водителот  Димитар Атанасовски, Сани Гроздановска, Јана Бурческа, водителката Милена Антовска, манекенката и топ модел Катарина Ивановска, кошаркарот Дамјан Стојановски, фудбалерот Влатко Грозданновски… се само дел од плејадата естрадни „моми и ергени“ што станаа брачни другари, а некои од нив набрзина и родители. За некои од нив сефте мажачка и женачка, за некои реприза, или втора мајка, за трети „брак без пусулче“ или што би рекле „дивоградба“… ама, сепак брак!

Едни правеа гламурозни свадбени балови, други скромни семејни прослави, трети ништо не правеа… Во скапи свадбени венчаници или обични здолништа, во смокинг или фармерки, сеедно… Во бело или не, сите тие потпишаа  „црно на бело“ во матично, а некои и во црква пред Бога се заколнаа на доживотна верност!

Имаше и такви, за општа среќа – малку, кои ја „изневерија верноста“… па се уплашија или попишманија, бегајќи му на матичарот од Книгата на венчани,  на попот од „Светото писмо“ и секако на саканиот или саканата во туѓи прегратки. Ама ако! Ако така решиле, подобро сега, отколу после. Зашто секое зло, за добро е, па што и да е… ќе помине! Подобро една врска, колку и да била долга, романтична, хармонична… да заврши со „ужасен крај“, отколку да заврши со брак, во кој ужасот ќе нема крај!

Како и да е, ова лето навистина ќе се памти… Барем кога е домашната естрада во прашање. По малкуте добри песни,  по венчаниците, свадбите и свршувачките, а Бога ми и по раскинувачките…  По првиот свадбен валцер или фрлената венчаница во контејнер!

To top