Песочна импакција
Верувале или не, некои кучиња јадат песок на плажа. Но, повеќето домашни миленици случајно голтаат песок додека копаат или си играат со топка или играчка. Ако кучето изеде одредена количина песок, тоа може да предизвика блокада во цревата, попозната како песочна импакција. Знаци на оваа сериозна состојба, која бара итен ветеринарен третман, се повраќање, дехидрација и болки во стомакот.
Не претпоставувајте дека вашето куче знае да плива. Тоа е вештина која мора да се научи. Некои раси се природно силни пливачи, но некои кучешки раси, едноставно, не се родени за оваа активност. Ако вашето куче не е навикнато да плива, морето не е место за почеток, затоа погрижете се да не навлегува во длабокото.
Мртви риби
Не дозволувајте кучето да изеде мртва риба од плажа. Одредени видови риби содржат опасни токсини кои можат сериозно да му наштетат на кучето. Веруваме дека дел од сопствениците на домашни миленици се запознаени со случајот со кучето од Северен Норфолк, кое почина откако изеде парчиња мртви риби на морскиот брег.
Силни бранови
Дури и ако вашето куче е добар пливач, постои ризик да биде однесено од голем бран. Внимавајте во ветровитите денови, бидејќи брановите се силни и не дозволувајте кучето да оди предалеку. Брановите и струите можат да го изморат, затоа не би било лошо да купите елек за спасување за кучиња.
Труење со солена вода
Ако забележите дека вашето куче се обидува да пие морска вода – запрете го! Солта, бактериите и паразитите во водата можат да му наштетат. За да го спречите кучето да пие солена вода, носете доволно чиста, свежа вода на плажата за често да му нудите на кучето. Исто така, можете да спречите иритација на кожата и шепите од сол со испирање со свежа вода.
Повреди со јадици
Ако се на плажа која е популарна кај риболовците, внимавајте на фрлените јадици. Овие метални жички може да предизвикаат сериозни повреди во устата на кучето, или кучето да ги проголта и да создаде уште поголем проблем. Дополнително, кучињата може да претрпат повреди на шепите доколку згазнат на фрлена јадица.
Непознати предмети
На плажата секогаш има искушенија во вид на фрлено ѓубре, играчки и школки. Внимателно следете го вашето куче и спречете го доколку сакате да не изеде нешто што му наликува на храна. Исто така, внимавајте да не се повредат со предмети со остри рабови, како скршени играчки на плажата.
Медузи
Кучињата се многу љубопитни животни и сакаат да истражуваат, па затоа можат да налетаат и на медузи. Овие морски суштества често демнат во плитка вода или се заглавуваат на брегот. Многу видови се безопасни, но има и такви кои можат да предизвикаат многу непријатни повреди.
Напор на сонце
Имајте на ум дека трчањето на песок бара многу повеќе напор отколку трчањето на трева. Преголемата физичка активност, особено на летното сонце, брзо може да доведе до топлотен удар, затоа бидете внимателни.
Палмино масло
Палминото масло често се појавува на плажите. Ако кучето го излиже, маслото може да му предизвика сериозно повраќање и дијареа и да доведе до негова дехидрација.
Дали алгите се добри за кучињата?
Алгите се вреднуваат како извор на витамини и минерали. Сепак, исушените алги кои се акумулираат на плажата можат да бидат опасни за кучињата. Ако кучето ги изеде, тие може да отечат во стомакот и да се заглават во цревата. Ако кучето проголта голема количина суви алги на плажа, веднаш контактирајте го неговиот ветеринар.
Опасни температури
Нека не ве лаже свежото ветре што дува на плажата, бидејќи тоа не ја намалува температурата на воздухот. Без разлика дали вашето куче е под чадор или сте на излет, обезбедете му засенчено место и многу свежа вода за да избегнете топлотен удар.
Одење по врел песок
Сонцето може да го загрее песокот до опасни температури. Ако вам ви е премногу топло за да одите боси по песокот, премногу е топло и за шепите на вашето куче. Ако планирате да ја посетите плажата со вашето куче, направете го тоа рано наутро или доцна попладне.
Изгореници од сонце
Исто како и луѓето, така и кучињата можат да изгорат од сонце. Расите со кратко/бело крзно и розови уши треба да бидат особено внимателни во топлите денови. Користете крема за сончање направена специјално за кучиња и избегнувајте нивно изложување на сончеви зраци во најтоплиот дел од денот.
Извор: Курир.мк