„Учениците од четврто до деветто одделение и средношколците од септември ќе учат од електронски учебници. Хартиените учебници ќе се користат само од прво до трето одделение. Ова се предвидува со предлог измените на Законот за учебници кои владата веќе ги усвои како чекор кон како што велат подобрување на квалитетот во основното и средното образование“.
Веднаш потоа министерката за образование Мила Царовска „набрзина“ се премисли, па го прекваликфикуваше предлогот: Од септември ќе учат од електронски учебници само децата во 4-то одделение – експериментално. Небаре се лабораториски глувци!? Па сега најново: „Моделот што го нудиме е комбиниран, секој ќе може да избере на кој начин ќе учи, од печатени или дигитални учебници. Оди па фати и(м) го крајот?!
Овие најави како експлозија одекна во медиумите кои ги обзнанија реформите во образованието најавени од министерката Мила Царовска. Реакциите на јавноста веднаш се надоврзаа уште на првичните најави, одекнувајќи уште посилно. Зашто зад плаштот на „дигиталните реформи“ на „шарената“ Мила, всушност се кријат прегрст „шарени лаги“. Од тобожните добри намери (со кои како што е познато е поплочен и патот до пеколот) кои наводно треба да го подобрат квалитетот во основното и средното образование, а всушност се само изговор за „кроење на образованието по свое“, па се’ до начинот на реализација по пат на таканаречена дигитализација. Виртуелна реалност, со уште повиртуелно прекроено минато по туѓа желба, а за иднината и да не зборуваме… Сајбер фикшн!
Имено, дури и да е така како што сака да не убеди во своите намери „шарента“ Мила, јасно е дека работите “смрдат на изгорено“ уште во зачеток, уште во самиот старт.
Во историјата до сега не се познати примери да се „ништи“ хартиената литература… Или, всушност се познати, само што на нив се сеќаваме со мачнина и презир и никој не сака да ни се повторат.
Освен тоа, дигитализацијата не значи и елиминација, не подразбира комплетно укинување, туку само сочувување на она што е вредност во дигитална форма. Научна, културна, образовна… каква и да е. Нејсе, дури и да е се’ така хумано како што се сака да се прикаже, постојат неколку практични проблеми.
Како прво, реализацијата на исклучиво компјутерски систем на настава, во држава во која во некои места се уште нема струја, а за интернет и компјутери и да не говориме. Од друга страна, секое семејство има едно, две, но некои и по три и повеќе деца, кои во исто време треба да учат од од исто толкав број компјутери? Имаат ли можност родителите тоа да им го обезбедат во состојба на пандемија и економска криза, кога секој ден е борба за живот, преживување, опстанок, а не за луксуз според она , како „малата Мила“ го замислува образованието или само послушно ги спроведува туѓите „глобалистички“ замисли, сеедно?! И тоа со наши пари, оти таа од нив живее, од даноците на граѓаните, кои исто така од свој џеб треба да си го „дигитализираат“ семејството и образованието на своите деца!
Решението на Мила е едноставно: Ако не ви се допаѓа да учите „дигитализирано“, учете си „печатано“. Само што севкупната литература од „виртуелниот хард диск“ на вашите едно, две, три… деца, ќе треба самите да си ја испечатите. Или по логиката на Мила, блазе оној што има фотокопирница! Колку само за нејзино потсетување, зашто родителите секако добро паметат, во времето на „диктатурата“ бесплатно се делеше литературата, онаа училишната секако, па секое дете добиваше бесплатни учебници. Така беше во „режимот“, а сега во СДС-мовската „демократија“, тоа право ни го ускратија! Да не биде само по низа години да констатираме, дека и децата „ни ги осакатија“?
Зашто, како второ и веројатно најважно, се запрашал ли некој што е токму со здравјето на децата?
Седењето со часови пред компјутер на возраст од 8-9 до 14-15 па и 18 години е докажано штетно од повеќе аспекти. Прво, заради зрачењето на екранот кое влијае врз заморот, менталното и психичкото здравје, потоа заради расипувањето и оштетувањето на очите и видот, трето – седењето на столче во таква положба е погубно за р’бетот… И сето ова се однесува на деца во развој, кои се на возраст кога и ментално, психички и физички треба да се развиваат, оформуваат, пред се да се формираат во здрави луѓе, а потоа и во здрави личности.
Но „електронските учебници“ не се само проблем заради часовите. Тогаш и домашните задачи ќе мора да се решаваат електронски, на компјутер, што двојно го зголемува времето проведено на столче и гледње во екранот, а ако на тоа им ги придодадема уште и тестовите, лектирите, па и курсевите по разни јазици и слично, излегува дека децата во развој целиот ден ќе треба да го минуваат во седечка положба пред вклучен монитор. Тогаш од здрави и прави, со сила ли ќе треба да им го уништиме здравиот развој?
Ќе се јават ли психолозите, психијатрите, офтомолозите, детските ортопеди…? Ќе гукне ли нешто министерот Филипче и лекарската фела зад која сите така сплотено застанавме и се’ уште стоиме среде корона пандемијата, кога ним им е најтешко?
Или ќе ја оставиме Мила да „гука“ како сака, наметнувајќи го своето „послание по Јуда“, пардон – образование по Мила… über alles?!
Велат хартијата трпи се… Ама како што трпи тоалетната хартија… Веројатно исто толку сега трпи и онаа што „шарената“ Мила сака да ја „укине“ со упорното форсирање на нејзиното „он лајн(о)“ дигитално образование со електронска литература!