Живот и Стил

Обичаи за Велики Четврток: Вапцувањето на велигденските јајца

Обичаи за Велики Четврток: Вапцувањето на велигденските јајца

Во великата недела со обичаи и верувања особено е исполнет Велики четврток или Величетврток како што почесто се вика меѓу народот. Главен обичај што се изведува на овој ден и со посебно внимание е вапцувањето на велигденските јајца. Според обичајот најпрвин се вапцувале три јајца, а потоа и другите.

Јајцата ги вапцува домаќинката рано наутро пред да изгрее сонцето, зашто се верувало дека ако тоа се направело подоцна јајцата ќе се засмрдат. Вапцани пред да ги види сонцето, овие јајца, особено првакот, не се расипуваат и по неколку години. Кога ги вапцува јајцата домаќинката мора да има нешто јадено или да има каснато барем еден залак леб, зашто ако тоа го прави на гладно срце, јајцето може да ја разбие, да се разболи или да е несреќна, а и таа ако го разбие тоа ќе ја загуби магиската моќ.

Насекаде во Македонија, на Велики четврток, рано пред изгрејсонце, првото јајце се става во сито и се обесува на дирекот од куќата или на друго место спроти сонце за да го видат првите сончеви зраци. Во некои краишта во ситото ставаат едно во други две или три јајца. Исто така, во некои краишта во ситото ставале и жито, некаде и срп за богат бериќет или сукало, за да се сучи касметот. Ситото било покривано со црвен машки појас или со друга ткаенина но секогаш со црвена боја.

Изутрина на Вели Четврток секоја домаќинка станува рано, пред сонце, тихо за да не ја чуе никој од домашните, а особено децата. Запалува огин и го става на огин раскиснатиот бакам да зоврие, на кој му додава и стипса за да фати бојата. Најнапред пушта еедно јајце – јајцето на дедо Господ – Господово јајце, со кое оди кај децата кои сеуште спијат и ги гали по лице со зборовите: Црвено бело здраво-живо, а потоа го зема јајцето, го става на некое ткаено или плетено црвено парче спроти сонце – на источната страна на куќата и се враќа да ги бојадисува и другите јајца. Тоа го прави на брзина дури не огреало сонцето, за да не се усмрдат. Ако сака домаќинката јајцата да светат ги брише отпосле со зејтинлија крпа. Истиот ден се приготвуваат и слатки за Велигден.

.