Живот и Стил

Нови сознанија за мизофонијата

Нови сознанија за мизофонијата

Луѓето честопати се иритирани кога, на пр., некој гласно џвака или голта храна во близина. Но, понекогаш нетолеранцијата кон одреден звук оди во крајноста на неподносливост, па научниците сега нудат објаснување за тоа – што би можело да се крие зад сѐ ова.

Според Универзитетот на Њукасл, оваа појава е официјално призната како медицинско нарушување во 2001 година и се нарекува мизофонија. Тоа растројство се одликува со неподнослива вознемиреност од звуците на другите луѓе, како што се дишење, проѕевање или џвакање. Некои научници го сметаат за фактор што укажува на висока емоционална интелигенција и добро развиени креативни способности. Но, новото истражување и написот објавен во „Журналот“ за неврологија посочуваат дека новите претпоставки веројатно ја отстрануваат претходната теза дека мизофонијата е предизвикана од проблеми со обработката на звукот.

Имено, според стручните мислења, оваа состојба се сведува на премногу чувствителна, „суперсензитивна врска“ меѓу два други дела од човековиот мозок.

Во испитувањата, научниците направиле скенирање на мозокот на две групи луѓе на кои им биле дадени некои од „предизвикувачите“. Во едната група луѓе биле со мизофонија, а другите – без тоа нарушување.

– Нашите наоди покажуваат дека за луѓето со мизофонија постои абнормална комуникација меѓу аудитивниот и моторниот дел на мозокот – можете тоа да го опишете како „суперсензибилна врска”. Ова е првпат таква врска во мозокот да биде идентификувана за оваа состојба, нагласи предводникот на истражувањето, д-р Сукбиндер Кумар.

Екстремните случаи пројавуваат состојби каде што човекот дури и не може да толерира и поднесе некои најнормални појави и потези кај другите, без разлика дали тоа е член на неговото семејство, колега, пријател или случаен човек на јавниот простор. Науката открива како луѓето да се справат со тоа.

– Интересно е што некои луѓе со мизофонија може да ги ублажат симптомите со имитирање на дејството што го произведува звукот причинител (на иритацијата). Тоа може да укаже на обновено чувство на контрола. Ова нè наведува да веруваме дека оваа комуникација го вклучува тн. „систем на огледало“, што ни помага да го процесираме потегот на другите, преку активирање на нашиот мозок на сличен начин – како самите да го правиме тој потег. Ова сознание може да помогне при развој на нови терапии за луѓето со ова нарушување, објаснува Кумар.

Така, според неговиот совет, следниот пат кога ќе Ве изнервира личноста која, на пр., џвака гласно, просто – замислете дека и Вие јадете нешто. На овој начин полесно ќе се надмине тој моментен предизвик.

Извор: Курир.мк

To top