За време на празничната сезона не мора да се заробувате во кујната со часови за да ги израдувате саканите со слатко задоволство во кое подеднакво уживаат сите генерации.
Крцкавите колачи со чоколаден корнфлекс се приготвуваат многу брзо, а уште побрзо исчезнуваат од чиниите. Во духот на претстојните празници тие можат да станат снежни шишарки кои ќе ја разубавуваат вашата трпеза.
СОСТОЈКИ
400 гр. | чоколаден корнфлекс (емби) |
150 гр. | шеќер |
8 големи лажици | мед |
250 гр. | маргарин (1 коцка) |
100 гр. | сусам |
100 гр. | чоколадо за готвење |
1 голема лажица | какао |
ПОДГОТОВКА
- Потпечете го сусамот и оставете го настрана.
- Во сад за варење ставете го маргаринот и растопете го на рингла на тивок оган. Потоа додајте ги медот, шеќерот, чоколадото за готвење и какаото. Мешајте додека не добиете хомогена смеса.
- Тргнете го садот од оган и измешајте ја смесата со чоколадниот корнфлекс и потпечениот сусам. Добро мешајте.
- Обликувајте ги шишарките со помош на обична цедалка за лимон. Наполнете ја внатрешноста на цедалката со готовата смеса. За да си го олесните вадењето на шишарките, обложете ја цедалката со најлонска фолија.
- Оформените колачи оставете ги во фрижидер за да се стврднат барем половина час.
Предлог декорација: Поросете ги колачите со кокос пред да ги ставите во фрижидер за да добиете вкусни снежни шишарки.