Депресијата не е краткорочна состојба што може да се поистовети со тагата. Депресијата е сериозна болест која, како и секоја друга, бара третман. Но, и покрај опасните последици што се јавуваат ако не се лекува, многу луѓе ја сфаќаат и ја поистоветуваат депресијата со тешките емоции и со тагата што можат да поминат без лекарска помош. За да разберете со што навистина се соочува личноста што е во депресија, прочитајте кои се најчестите митови поврзани со оваа ментална болест.
Депресијата е исклучиво во главата
Депресијата е болест која се карактеризира со промени во расположението, но исто така се манифестира преку болка. Физичките симптоми, како што забележуваат експертите, се подеднакво важни како емоционално-менталните и не треба да се игнорираат. Тие ни покажуваат дека депресијата е многу реална и може да биде исклучително штетна за нашето здравје ако не се лекува.
Од депресија може да страдаат само луѓето кои имаат некаква траума
Вообичаена предрасуда кај луѓето е дека само одредени луѓе може да страдаат од депресија. Во оваа група спаѓаат сите оние кои поминале низ тешки периоди од животот, оние кои се соочуваат со одредени трауми и оние кои имале тежок живот. Но, депресијата не е болест резервирана само за луѓето со тешки животни приказни. Депресија може да имаат и успешни, остварени и отворени луѓе кои се сакани во општеството.
Депресијата е исто што и тагата
Да се чувствувате потиштено и да бидете депресивни се сосема различни работи што никогаш не треба да се мешаат, да се изедначуваат или да се споредуваат. Депресијата може да биде поврзана со чувства како што се тага и потиштеност, но таквите чувства не траат толку долго колку што трае депресијата. Депресијата може да трае до една година ако не се лекува и, за разлика од тагата, не може да помине без помош од специјалист. Исто така, луѓето кои се борат со депресија може да почувствуваат низа други симптоми. Тие може да бидат безволни, напнати, раздразливи и да имаат многу негативен став кон себе и кон светот.
Депресивните луѓе се слаби луѓе
Депресијата не е слабост. Депресијата е болест и никогаш не треба да ги дискриминирате луѓето во депресија. Депресивните луѓе не избрале да бидат такви. Сепак, тие постојано се соочуваат со грди коментари од луѓе кои сметаат дека депресивните луѓе не се трудат доволно, дека се мрзливи и дека немаат волја за промена. Депресијата е сериозна состојба која бара третман. Немојте да ја поистоветувате со слабоста и немојте да мислите дека депресивните луѓе живеат поинаков живот затоа што така сакаат. Депресивните луѓе имаат потреба од поддршка и од разбирање. Не скратувајте им го тоа.
извор:кафепауза.мк