Мажите можат да ослабнат со акупунктура на увото, се посочува во ново истражување претставено на Европскиот конгрес за борба со дебелината во Ирска оваа седмица. Резултатите се објавени во научното списание „Би-ем-џеј Опен гастроентеролоџи“ (BMJ Open Gastroenterology).
Според научниците, апетитот за одредена храна може да се контролира со помош на метални топчиња наместо традиционални игли. Водечкиот автор на научниот труд е Такахиро Фуџимото, лекар од клиниката „Еф“ во Токио, Јапонија.
-Кога малите метални топчиња се закачуваат на шест точки на увото, тоа ги стимулира нервите и органите коишто го регулираат апетитот и гладта. Овој метод на акупунктура не бара посебни вештини. Акупунктурата треба да се комбинира со диета и вежбање, вели Фуџимото.
Испитувањата опфатиле набљудување на состојбата на 81 Јапонец со дијагноза на прекумерна тежина или дебелина на возраст меѓу 21 и 78 години, индекс на телесна маса поголем од 28,4 и со висок степен на абдоминална дебелина. (МИА)