После цели 40 години, големата југословенска ѕвезда Лепа Брена дојде во Кавадарци, овој пат за да пее на традиционалниот Тиквешки гроздобер.
Брена беше ѕвездата на крајот од третата вечер на манифестацијата каде се собра публика од цела Македонија.
Повозрасните кавадарчани се сеќаваат на настапот на Лепа Брена на градскиот стадион пред четири децении, па сега после толку години правеа споредба од она што го гледале и слушале тогаш и ова сега.
А Брена, таа сигурно остарена и поразлична од тоагаш, но со истата професионалност и ѕвезден сјај на сцена и со квалитетен звук кој полнеше уши и душа со хитовите кои беа добро познати на нејзината публика.
Љубопитни да ја видат и слушнат беа и помладите кои немале таква можност.
До Брена беше тешко да се допре, големата балканска ѕвезда немала некои посебни барања од организаторот, освен мир и тишина пред концертот, па домаќините ја сместиле во Хотел Ангропалас во луксузен апартман.
Многумина сакаа да се доближат и да се сликаат со Брена за спомен, но ретко кој имаше таква можност освен привилегираните, а меѓу нив беа Лила Филиповска од првите редови до сцената, младата Лина Пејовска која ја отвори вечерта, а таму беше и Мелита и ќерка и Барбара која пак пееше претходната ноќ.
Токму овие познати Македонки имаа можност да бидат близу до Брена, да ја снимаат, фотографираат и да се пофалат на социјалните мрежи.
Брена во свој фазон ги откри долгите вити нозе, но не баш имаше желба, а можеби и снага за играње и покажување енергичност.
Облечена во светкав деколтиран фустан, повеќето од песните ги отпеа седејќи.
Инаку, настапот на Брена започна во доцните вечерни часови, а публиката остана да ја слуша се до полноќ кога со огномет беше затворено и традиционалното 59-то издание на Тивешкиот гроздобер кој е гордост на градот.
фото: Фејсбиук/ Тиквешки Гроздобер Кавадарци