Во време на пандемија на коронавирусот, едно од најчесто поставуваните прашања е колку долго делува средството за дезинфекција на рацете, односно колку долго ве штити по нанесувањето?
Препораката на експертите е често и темелно миење на рацете со сапун и вода барем 20-30 секунди за да спречите пренесување на вирусот, но во ситуации кога не сте во можност да ги измиете рацете, средството за дезинфекција со 60% алкохол во составот, најчесто во форма на гел, е следниот најдобар избор за заштита.
Сепак, треба да се нагласи дека тие средства не нудат неограничена заштита по нанесувањето и дека најдобра опција е во најбрзо можно време потоа темелно да ги измиете рацете.
Средствата за дезинфекција на рацете базирани на алкохол се добра алтернатива, но имајте на ум дека со миење на рацете буквално ги отстранувате нечистотиите, бактериите и вирусите и тие „завршуваат“ во одвод, а кога ставате средство за дезинфекција, тоа „убива“ сѐ што се наоѓа на вашите дланки во тој момент. Кога следен пат ќе допрете контаминирана или валкана површина, логично е дека рацете повторно ви се валкани.
По миењето или дезинфицирањето, рацете ви се чисти неколку минути, освен ако навистина не внимавате да не допрете ништо. Сепак, пред да го допрете лицето или храна, секогаш мијте ги или дезинфицирајте ги рацете, иако сте го направиле тоа пред 10 минути.
Ако користите средство за дезинфекција, потрудете се да ја исчистите целата површина на раката, исто како при миење: дланката, прстите, надворешниот дел на раката, палците и зглобовите. Имајте предвид дека ако рацете ви се видливо валкани, средството за дезинфекција нема да помогне.
извор: Кајгана